На 420 години од раѓањето на Декарт

„Мортал комбат" со филозофи, или за очајните обиди за популаризација на науката

Ништо против пародизирањето наука и вицкасто играње со филозофски идеи. Ама каде е невидливата граница после која обидот интелектуалецот да подаде рака кон масовната култура всушност станува тривијализација и вулгаризација на интелектуалноста?

Инженер, физичар и математичар треба да направат ограда околу стадо овци, користејќи што е можно помалку материјал. Инженерот го обликува стадото во кружна форма и прави ограда околу него. Физичарот гради ограда со бесконечен дијаметар и го намалува додека не го обиколи стадото. Математичарот малку размислува, а потоа гради ограда околу себе и изјавува дека се наоѓа надвор.

Ова е виц. И треба да е смешен за во друштво.

Но тоа да си интелектуалец, научник, мислител што разбира и шири вакви вицови не само што не е смешно и секси, туку е и основа за потсмев - подобро да си ментално амебест и да си по шопингот, отколку да мислиш за да постоиш (и обратно). Ова беше заклучокот на текстот што го пренесовме неодамна, чија основна теза гласеше дека ликот на смотаниот, романтичен и умен палеонтолог Рос во мега-популарната серија „Пријатели", кој е постојана мета на тролање од страна на неговите..хм..пријатели, ја најави пропаста на западната цивилизација.

Да имаше Декарт Фејсбук на ова ќе реагираше со лутиот емотикон. Толку мака да докаже дека разумот царува, за денес кога го гуглате неговото име прв резултат да ви биде компанија за логистика која арогантно себеси се нарекува „Декарт". Мислат ли бе овие, или само постојат?

420 години по неговото раѓање, не само што популарната култура е потценувачки настроена кон интелектуалноста, туку и обратно, обидите за промоција на науката и филозофијата со поп средства понекогаш стануваат авто-пародични. Во очајните обиди да се приближат сложените концепти за кои ретко некој има време и трпение, или барем за момент да се влезе во мејнстримот и да се биде интересен, се прават мемиња, стрипови, а сега и - компјутерски игри во стилот на Мортал Комбат или Стрит Фајтер, во кои главни ликови се научници.

Сајенс Комбат, Филозофајтерс и Фејт Фајтер се игри развиени од тим од португалското онлајн списание Superinteressante. Во првата се тепаат (ама буквално) Ајнштајн, Дарвин, Тесла Њутон, Хокинг (да, и тој), Питагора, Марија Кири и Алан Туринг. Во втората со боксови разменуваат аргументи Декарт и Плато, Ниче и Маркс. А во третата - боже ме опрости - се пресметуваат Господ, Исус, Ганеш, Буда и Мухамед.

Оваа со филозофите можете да ја играте тука, а со научниците тука (им треба малку време да се вчитаат). Назад кон интелектуалниот дискурс, она што ги прави овие игри сепак интересни е што се мешап на две стереотипно и баш декартовски одделни природи - телесната и умствената. Филозоф што знае да се тепа? Па, кај го има тоа освен во игрици?

31 март 2016 - 09:33