„Моби Дик“ на Мелвил и „Китот“ на Аронофски

Покрај сите фалби за Брендан Фрејзер во улогата на прекумерно тешкиот професор по книжевност и критиките за „тенкото“ сценарио и наводното стереотипизирање на дебелите, некои од вредните елементи на овој филм останаа во сенка. Меѓу нив врската со еден друг реален и метафоричен кит, оној на Мелвил.

Чарли е професор по книжевност кој предава онлајн, со исклучена камера за која ги лаже студентите дека е расипана. Причината што не сака неговите студенти да го видат е тешка двеста и кусур кила. Тие го врзуваат за троседот во мрачниот стан, во кој во текот на филмот влегуваат само тројца: неговата пријателка и болничарка Лиз; млад дечко по име Томас - мисионер од христијанска црква Нов живот и 17-годишната ќерка на Чарли, со која се нема видено по разводот со сопругата. Доставувачот на пици доаѓа само до вратата и, и покрај љубопитноста, мора да следи стандардна процедура - „парите се во сандачето, остави ја храната на тремот“. 

Со оглед на клаустрофобичноста на сетингот, каде промените се случуваат само со влез и излез на ликовите и евентуалното мачно движење на Чарли низ станот, целиот филм делува како театарска претстава. Всушност, тоа и Е драма, на Семјуел Д. Хантер, кој го има напишано и филмското сценарио.

Преточувањето на текст напишан за сцена на екран не е лесна работа, па можеби во случајов тоа не требало да го прави истиот автор, кој размислувајќи театарски на моменти несмасно ги решава спомнатите промени - ќерката Ели, лута на светот а особено на татко ѝ, де излегува низ вратата, де се предомислува и се враќа, и така едно десет пати. И постојаните упади на Томас не се доволно оправдани со неговата желба да му ја спаси душата на Чарли, заглавена некаде длабоко под масните наслаги и годините поминати во осаменост.

Неговата маргинализираност сепак не се должи исклучиво на големата килажа - тој ја напуштил првичната универзитетска позиција откако почнал врска со студент, поради што го оставил семејството. Трагичните околности што следеле дополнително го отуѓиле од надворешниот свет, а како што тече филмот станува очигледно дека врската со кој и да е овоземен свет наскоро ќе биде сосема прекината, со оглед на влошеното здравје на Чарли. 

Референците на „Моби Дик“ јасно се исцртуваат уште во првите сцени, но за оние кои го знаат славното дело на Мелвил истите се отсликани во односите помеѓу ликовите. Чарли споро „плива“ низ својот тесен простор, веќе ранет од копјата на животот, очекувајќи го она последното, што ќе му пресуди. Неговиот најголем предизвик е битката со сопствената ќерка, која станува неговиот бескрупулозен „ловец“, кој го гони, го мачи, без да му ја понуди барем милоста да му ги скрати маките. Можеби е така напишан, а можеби така изведен, но агресивноста и бунтот на Ели понекогаш делуваат попрекумерни отколку тежината на Чарли. 

„Моби Дик“ е раскажана од аспект на човечкиот капетан Ахаб, опседнат со еден кит. Занимавајќи се со тоа дали Фрејзер имал право да глуми прекумерно дебел човек, дали била „оправдана“ употребата на костим од сало или дали дебелите луѓе биле претставени во вистинското светло, критичарите на филмот пропуштаат една значајна поента - дека овој филм е за еден човечки „кит“, чие бреме е само персонифицирано во физичката тежина. Клаустрофобичната изолираност, отуѓеноста од околината, трагичноста на постоењето - тоа сите може во некој момент да нè направи Китови.

1 март 2023 - 10:37