Maкедонските песни во малку познатата француска збирка звучни цилиндри од 1900-те

Лео Азулај денес не е многу познато име. Француски лекар и антрополог, тој во 1900-тите започнал амбициозен проект, правење збирка на звуци од целиот свет. Помеѓу материјалите има и такви од Македонија. 

Во 1859 година во главниот град на Франција се формира Антрополошкото здружение на Париз, од страна на Пол Брока, лекар, анатом и физички антрополог, како и 19 други негови колеги од различни дисциплини. Целта на ова здружение било проучување на природонаучната историја на човекот, односно потеклото и биолошкиот диверзитет на човечкиот вид. 

Една од неговите активности било обезбедување материјали за Универзалната изложба од 1900 во Париз, која како и сличните саеми кои во тоа време се одржувале низ светот (главно во САД, Лондон и Париз), требало да ги прикаже технолошките но и културните богатства на различните народи низ светот. Изложбата во Париз била отворена од тогашниот претседател на Франција, Емил Лубе, траела од април до ноември 1900-та, а била лоцирана на бреговите на Сена. На неа изложувале дури 83.000 изложувачи, вклучително и 45.000 странци, и таа привлекла повеќе од 50 милиони посетители!

Тогаш член на ова здружение, доктор Леон Азулај, француски лингвист и антрополог, презентирал голем број на тн. „фонограми“, снимки на традиционална музика, песни и усно творештво на 411 восочни цилиндри. Ова било дел од негов „лудо амбициозен“ проект, кој подразбирал формирање музеј на звуци на човештвото. Тие снимки денес се чуваат во француските национални архиви, а подеталната проверка на списокот покажува голема разновидност во географска и културна смисла. Има тука и популарни песни од Братислава, и верски химни од Виетнам, мелодии изведувани со мандолини од Тунис, обични разговори на улица од Чиле, народни приказни и песни од Кавказ или легенди од Пекинг. 

Аудио материјалите се придружени со детални преписи на текстот и/или на нотите, што укажува на обидот за „револуција на знаењето“ коешто овие интелектуалци се обидувале да ја извршат, а во контекст (и) на колонијалната моќ на сопствените држави. Податоците за самиот Азулaј (1862-1926) се сепак скудни. Се знае дека бил лекар кој живеел во Алжир, но не се знае како точно патувал во сите овие земји, како воспоставувал контакт со домородното население и кој му помагал да ги дешифрира материјалите, при што користел западни фонеми и преводи. 

Помеѓу богатиот материјал има и аудио снимки од Македонија. На една од нив извесен Димитри Кучков пее за Болен Дојчин и Црна Арапина, а снимката е направена во тогашно село Козле во близина на Скопје некаде помеѓу 1902-1904. Во воведот се слуша гласот на Азулај.

1 декември 2021 - 16:27