Кралската ковачница издаде златник за 60-годишнината на Стоунси

Ако имате нешто вишок пари, па уште и во денари, со оглед на инфлацијата веројатно е добар момент да ги вложите во нешто трајно. Порано тоа можеби ќе беше златник со ликот на Тито. Сега имате шанса тоа да биде кул паричка, со силуетите на Стоунси.

Ролинг Стоунс во текот на шесте децении постоење сигурно направиле добри пари. Но ова е прв пат тие да се најдат НА пари. Станува збор за нова колекционерска монета издадена од Британската кралска ковачница, во чест на јубилејот.

Монетата е со номинална вредност од 5 британски фунти (околу 6 евра) и прикажува силуети од Мик, Кит, Рони и Чарли. Името на бендот е напишано со неговиот класичен фонт од 1973. Тоа е една од последните монети која ќе биде издадена оваа година со слика на кралицата Елизабета Втора, која почина во септември на возраст од 96 години.

„Пресреќни сме што нè почестија со официјална британска монета“, изјавиле од бендот. Таа е петта во серијата „Музички легенди“ која слави легендарни британски музичари. До сега се издадени такви со Квин, Елтон Џон, Дејвид Боуви и Д Ху. 

И покрај номиналната вредност, со оглед на тоа што се во ограничен број, многу бргу тие постигнаа повисока цена, па сега некои од нив се продаваат и за 500 евра. Од Кралската ковачница се надеваат дека на овој начин ќе се обратат на нова генерација колекционери. Иако за тие да бидат навистина помлади ќе треба да почекаат (и да се начекаат) некои од сегашниве бендови да станат легенди. 

1 декември 2022 - 10:15