Може е за арно

Крај на пишаниот збор на Фејсбук?

Дури и оние кои не биле баш добри во пишување состави во школо станаа речити на социјалните мрежи. Но за пет години зборовите нема да бидат алатката со која ќе комуницираме на Фејсбук. Кој знае дали ова е добра вест, или логореата само ќе биде заменета со прекумерна визуелизација?

Никола Шерон Менделсон, одговорна за операциите на Фејсбук во Европа, на Блискиот Исток и во Африка, на неодамна одржана конференција во Лондон изјави дека за неколку години оваа социјална мрежа „дефитивно ќе биде мобилна, и најверојатно целата ќе се состои од видеа". Истовремено таа изнесе статистики според кои пишуваниот збор станува непотребен, со оглед на тоа што е заменет со подвижни слики и говор.

„Најдобриот начин за раскажување приказин во светов, во кој сме преплавени со информации, е всушност видеото", изјавила Менделсон. „Тоа пренесува многу повеќе информации во многу пократок рок. Така ни е овозможено да 'свариме' многу повеќе содржина во споредба со онаа која е пренесена само вербално"

Ваквата судбина на пишаниот збор не е баш ласкава за цивилизација која се потпира на него. Ако е за утеха, Менделсон вели дека тој нема сосема да умре, бидејќи „ќе мора да напишете нешто за видеото".

Но дали ова е навистина тренд генериран од самите корисници, или е резултат на фактот што Фејсбук самиот алгоритамски промовира видео? Фејсбук тврди дека целата промена е „органска", и дека не се има случено преку ноќ, туку постепено, од година во година. Сепак, доколку би требало да се обложат како ќе се развиваат работите во иднина, тие би ставиле сè на „видео, видео, видео".

21 јуни 2016 - 09:45