Кербер, Харон: зошто жешките бранови имаат митолошки имиња?

Со три глави, грозни заби од кои тече врела крв, запенети вилици и опашка од змии - ова е суштеството според кое е именуван новиот жежок бран, Кербер. Чудовиштето, според Хесиод, не можело ниту да биде победено, ниту опишано. Што ни кажува ваквото име за она што деновиве го живееме, а ќе станува и полошо?

Големи бури, како урагани и тајфуни, се именувани од метеролошки центри низ светот за да се олесни комуникацијата поврзана со нив. Оние на тропските циклони се главно банални, меѓународни списоци на имиња - на пример атлантските оваа година ги вклучуваат Емили, Синди и Шон. Но жешките бранови не се именувани од вакви институции, а експертите имаат и аргументи зошто.

Не постои меѓународна конвенција за именување на екстремни топли периоди, а моменталната позиција на Светската метеоролошка организација, која раководи со именувањето на бурите, е дека тоа би можело да го одвлече вниманието од заканата по јавното здравје. Освен тоа, предвидувањето на ваквите бранови е се уште во зародиш за да може да се прави конзистентно и ефикасно.

Но други организации кои се занимаваат со проблеми на глобалното затоплување имаат обратно мислење. Како што топлотните бранови стануваат повообичаени (периоди на необично топло време кои траат повеќе од два дена), така свесноста за нив би требало да се зголемува, па оттаму и тие да бидат акцентирани и именувани. Во јуни 2022 локални власти во Севиља, Шпанија, почнале пилот-програма за именување топлотни бранови, па следниот месец јужна Шпанија ја зафати бран со име Зои, со температури над 43 степени Целзиусови.

Најновите топлотни бранови кои ја зафатија Италија и јужна Европа со температури од 48.8 степени, беа наречени Кербер и Картонте - италијанското име за Харон, пренесувачот на душите преку реката Стикс во Адот. Имињата ги даде италијанскиот сајт за прогнози, iLMeteo. Уште од 2017, тој користи митолошки фигури за опис на вакви настани кои вклучуваат екстремни температури. 

Неподготвеноста официјалните метереолошки институции да ги именуваат ваквите бранови се должи на фактот дека е тешко да се одделат едни од други - тие најчесто се претопуваат еден во друг и ги преминуваат меѓународните граници. Ова значи дека може да дојде до конфузија ако во еден регион на ист настан му се дадат различни имиња. Но ова со митолошките фигури очигледно е атрактивно, а и крајно симболично. Кербер (кучето-чувар во подземјето) и Харон асоцираат на нешто пеколно. Освен тоа, моменталниот бран, Кербер, е поделен во три одделни климатски зони - или три „глави“ на монструозното куче. Единствен што може да го навјаса Кербер според митот е херојот Херакле - полубог со суперчовечка моќ, познат и како Херкул. Тој тоа го прави не само со сирова снага, туку и со силата на својот интелект. Адот, пак, е кошмарно огледало на нашиот сопствен свет, кој допрва ќе станува пеколно жежок. 

18 јули 2023 - 19:44