Кажете му фала на Ал Капоне за означувањето на рокот на траење на млекото

Американскиот бизнисмен и генерално гангстер наводно почнал да се залага за воведување рок на траење на шишињата со млеко, откако некој од неговото семејство се затрул од застојано млеко. Можеби стварно му било до здравјето на луѓето, а можеби имало врска и што ја поседувал потребната технологија. Кај шишиња со алкохол, таму и шишиња со млеко.

Во 1920-тите и раните 1930-ти, Ал Капоне раководел со чикашката мафија, а бандите се бореле за контрола на трговијата со илегален алкохол во текот на прохибицијата. Никому не би му текнало неговото име да го поврзува со безалкохолен пијалок, а уште помалку со млеко. Ама...

Како што прохибицијата наближувала кон својот крај, Капоне морал да си најде друг начин да си го финансира раскошниот животен стил. Плус, бил уморен од постојаната смртоносна закана која висела над него и неговото семејство. Повеќе пати го пукале, за малку бил отруен со тн. прусинска киселина (водород цијанид), а имало и награда од 50.000 тогашни долари ако некој го убие. 

Едно време размислувал за продажба на млеко - ем легитимен бизнис, ем исплатлив, бидејќи речиси сите користат млеко секој ден. Профитот на млеко бил дури и поголем отколку оној на алкохол. И најдобро од сè - чикашката мафија веќе ги контролирала фабриките за шишиња во кои точела алкохол. Сега само требало низ цевките да потече млеко.

Легендата вели дека Капоне бил поттикнат за целата работа откако некој од блиското семејство се разболел од пиење скиснато млеко. Решен да ги спречи ваквите случаи, особено кога се во прашање деца, тој почнал да лобира за законска обврска - печат на шишињата кој би го содржел рокот до кој млекото може да се пие. И покрај тоа што ова звучи прилично хумано, треба да се има предвид и тоа дека освен фабрики за шишиња, тој ја контролирал и сета опрема за печатење на нив, па законската одредба значела дека тој од ова можел да направи (пак) многу пари.

14 ноември 2023 - 16:57