Канон 35 или американската традиција по судовите да има цртачи место фото-репортери

Веројатно најфасцинантното за илустрациите од важните судски процеси во САД е што тие сè уште постојат. Пастел на хартија изгледа како архаичен начин на документирање на некои од најважните правни настани на нашето време. Камерите се побрзи и попрецизни отколку човечките илустратори. Па тогаш, зошто се сè уште актуелни?

Одговорот на тоа како уметниците кои прават цртежи во текот на одвивањето на судски спорови во САД опстанале толку долго и успеале да им одолеат на фото-апаратите и камерите се содржи во повеќедецениска дискусија околу фината линија помеѓу транспарентноста и интегритетот во судовите. Централното прашање е дали е можно да се набљудува судскиот систем, без притоа да се влијае врз процесот.

Во 1932  денес славен случај на киднапирањето на пилотот Линдберг бил централна вест во медиумите, не само во САД туку и во светот. Во местото Хоупвел, Њу Џерси, некој влегол во детската соба на вториот кат од домот на Линдербергови, го грабнал нивниот 20-месечен син и оставил порака дека бара 50.000 тогашни американски долари откуп. За жал, бебето било пронајдено мртво. Обвинет бил германски имигрант Бруно Ричард Хауптман. На 2 јануари 1935 почнал судскиот процес на векот. 

Околку 700 новинари, фотографи и камермани се нацртале во Њу Џерси каде се одвивало судењето. Во тоа време филмските камери биле огромни метални апарати кои заземале многу простор и кревале многу врева. Ни фотографите не биле поарни, со оглед на големите блицови. Судијата бил загрижен околу сето ова, па строго забранил какво и да е фотографирање или снимање. Камерманите смееле да снимаат само пред почетокот на сесијата и потоа. Но при највжештените дискусии, тие не го почитувале правилото па оттаму денес имаме одредени снимки од судењето.

Во денешен жаргон снимката станала „вирална“. Кога поротата се повлекувала да донесе одлука околу судницата била собрана толпа народ која викала „Убијте го Германецот, убијте го Хауптман“. Веројатно не е ни чудно што тие донеле смртна пресуда. 

Иако не е јасно колкаво влијание имало медиумското покривање, од тогаш многумина во судскиот систем верувале дека присуството на новинарите може да создаде хаос или да го насочат јавното мнение и оттаму да го нарушат правото за фер судење. 

Оттаму, како директна реакција на ова судење, Американското здружение на судии и адвокати донело нешто што се нарекува Канон 35. Тоа не било закон, туку повеќе етички кодекс кој предупредувал од опасностите на користење технологија за снимање во текот на судскиот процес. Голем број судови низ земјата ја прифатиле ваквата политика. Во 1946 американската влада отишла чекор понатаму и ги забранила сите камери во федералните судови. Така се отворил патот за илустраторите. 

Подемот на судскиот уметник бил поттикнат делумно и од телевизијата. До 1960-тите телвизорите биле дел од повеќето американски домаќинства. Ноќните ТВ програми покривале значајни настани, но и високопрофилни судски случаи. Со оглед на тоа што камери не биле дозволени, судницата би била визуелна црна кутија доколку би немало какви-такви визуелизации. 

Еден од првите кои правеле портрети за телевизија бил човек по име Хауард Броди. Тој бил најмен од Си-би-ес да го следи судењето на Џек Руби, човекот обвинет за убиство на Ли Харви Освалд, убиецот на Кенеди. Другите телевизии ја сфатиле финтата веднаш ангажирале свои цртачи. Така, голем број уметници кои немале постојан ангажман можеле да заработат некој долар. Плус, нивното присуство воопшто не го нарушувало процесот.

Од тогаш наваму напредокот на технологијата овозможил Канон 35 да застари, а телевизиските судења да се толкуваат и како добар образовен ресурс за луѓе кои сакаат да научат нешто повеќе за правниот систем. Така, веќе на почетокот на 1970-тите различни државни судови почнале да го игногираат правилото. Сепак, од време на време цртежи од судниците се уште се појавуваат, давајќи поинаква, уметничка димензија на регистрирањето одделни моменти од процесот. 

извор

9 јуни 2023 - 15:50