Како Томас Едисон ги измамил медиумите убедувајќи ги дека прв ја измислил сијалицата

Една година пред навистина да развие асална сијалица, „волшебникот од паркот Менло“ создал илузија дека неговиот прототип работел подолго отколку што тоа било случај.

Есента 1878, Томас Алва Едисон имал проблем. Се уште ја немал измислено сијалицата. Попрецизно, ја имал измислено, но не можел да ја држи запалена повеќе од неколку минути. Се уште не знаел како да ја регулира температурата на внатрешната жичка, па таа прегревала и бргу се топела. 

Едисон бил во блага паника бидејќи немал време. Низ цела Северна Америка и Еропа изумители како него работеле и патентирале проекти кои вклучувале електрична струја. Знаел дека истовремено англискиот хемичар Џозеф Свон работи на конкурентна сијалица. Двајца Канаѓани, Хенри Вудворд и Метју Еванс, веќе патентирале неефикасен дизајн четири години претходно.

Но таа есен Едисон се соочувал со уште една сериозна работа - новинарите. Во септември ги убедил медиумите дека неговиот најнов изум, трајножаречка светилка, бил комплетиран. „Го имам“, изјавил за Њујорк Сан, фалејќи се дека „сите ќе се прашуваат зошто ним не им текнало, толку е едноставно“.

Зошто ова било толку важно? Електричната струја во тн. „позлатена ера“, на крајот на 19 век, не била само прашање на технологија, туку на мистериозна, невидлива, квази-магична сила која станала синонимна со научните откритија и целиот концепт на човечки прогрес. Ако струјата била магија, тогаш Едисон бил главниот волшебник, барем според медиумите. Бил нарекуван „магионичарот од Менло парк“, референца на неговата лабораторија во Њу Џерси, како и „Наполеон на науката“ или „Колумбо од Њу Џерси“. Секако бил најголемиот изумител во САД во тој момент. Но истовремено бил и еден од најагилните кога станувало збор за самопромоција, дури и во време на ограничени можности за истото, без Тикток или Инстраграм. 

Како таков, тој и сега имал решение за соочувањето со медиумите во ситуација кога неговиот изум и не бил баш...изумен. Ги информирал новинарите дека секој од нив ќе добие кратка, приватна демонстрација на капацитетите на новата сијалица во неговата лабораторија во Менло Парк. Тие можеле да се насладуваат на она што го постигнал, пред тој брзински да ги истурка од просторијата, обезбедувајќи дека ќе ја напуштат пред сијалицата да прегори. Така, неговата репутација на гениј би останала нечепната.

Планот успеал. Медиумите, наивни како и секогаш, поетски ја опишувале светлината - „јасна, студена и убава“, која не ги иритира очите. Според нив изумот бил „совршен“. Едисон од своја страна ја одржувал илузијата, тврдејќи дека сијалицата која ја презентирал може да гори „речиси засекогаш“.

На крај, секако, тој ги надминал проблемите со прегревањето и вечерта на Нова Година 1879 - нешто над една година после демонстрацијата за медиумите - Едисон бил домаќин на втора, поголема јавна презентација, овој пат на сијалица која не прегорува (тајната била во карбонското влакно, како што самиот открил во октомври таа година). Она што го покажува оваа приказна е дека нему му било јасно дека успехот во „позлатеното доба“ било прашање не само на голем труд, туку и на внимателно менаџирање со очекувањата на јавноста. 

(Извадок од книгата „Самосоздадени: креирање на нашите идентитети од Да Винчи до Кардашијан“ од Тара Изабела Бартон, 2023)

28 јуни 2023 - 20:18