Продуцентски маки

Како се довршува филм ако актер почине сред снимање?

Не е лесно и ако актер ти дојде ненаспан, настине или скрши нога, а камоли ако ти умре. Сепак, ретко кој од холивудските филмови не доживува премиера заради ова. Некои од нив дури и фино заработуваат на ненадејната умирачка на главниот лик.

Филип Симор Хофман имаше уште седум дена снимање од финалното, четврто продолжение на „Игри на гладта" под наслов „Подбивната птица 2". Иако студиото Лајонгејт најпрвин изјави дека сите негови сцени се комплетирани, најновите информации велат дека тој сепак не снимил една која била многу важна. Сега продуцентите треба да најдат чаре - дали воопшто да го вклучат неговиот лик, и како.

Секако, ова не е единствен случај ѕвездите на некој филм да починат среде снимање. Оливер Рид умре среде снимањето на „Гладијатор", Хит Леџер додека работеше на „Имагинариумот на д-р Парнасус" на Гилијам, а Брендон Ли беше фатално ранет во несреќа на сетот на „Чавка" во 1993.

Секој од споменатите филмови нашол свој начин да продолжи со снимањето, вклучувајќи менување на сценариото, користење дигитални визуелни ефекти, или замена на актери. Во случајот со „Гладијатор" приказната била променета така за да ги вклучи претходните снимки на Рид, а за широките кадри бил користен дублер. Главата на дублерот дигитално била заменета со онаа на Рид. Сето ова во време кога технологијата не била на денешното ниво - можеби токму затоа главниот за визуелни ефекти, Роб Харви, доби Оскар во 2000 за неговата работа на филмот.

Харви за беља бил одговорен за визуелни ефекти и во филмот на Гилијам, во кој проблемот бил решен поинаку - Џони Деп, Колин Фарел и Џуд Ло прифатиле да го играат ликот на Леџер во различни делови од филмот, кои се снимени накнадно. „Изгледаше дека целиот филм ќе пропадне", се сеќава Харви, „но со оглед на тоа што се работеше за филм на Гилијам, навистина можевте да натерате секого да направи што сакате".

Снимањето филм е скапа работа и смртта на еден актер, особено ако тој е главен лик, не е само тажно, туку значи и голем комерцијален губиток. Продукциите најчесто имаат детални полиси за осигурување, кои им овозможуваат да го снимат филмот од почеток ако дојде до тоа. Дури не мора да се работи за смрт, туку за обично кршење нога, кога мора да се чека додека актерот не закрепне. Секако, современата технологија овозможува и компјутерски генериран лик кој би ги имитирал движењата од некоја веќе снимена сцена, но ваквите „финти" не се омилени кај оние кои се занимаваат со визуелни ефекти, и од етичка и од естетска гледна точка.

Датумите за излегување на „Подбивната птица 1" е ноември 2014, а на двојката во ноември 2015. Иако звучи како сурова изјава, упатените велат дека студиото всушност може профитира од смртта на Хофман - многумина ќе сакаат да го видат филмот токму затоа што тој му е последен. Исто како што сите сакаа да го видат „Темниот витез" - Леџер веќе беше умрен кога дојде време за премиерното прикажување на филмот во 2008.

Еве уште неколку актери кои починале додека снимале филм:

Мерлин Монро, Something's Got to Give (1962)
Брус Ли, Game of Death, 1973
Натали Вуд, Brainstorm (1981)
Ривер Феникс, Dark Blood (1993)
Пол Вокер, Fast and Furious 7 (2013)

Извор: Би-би-си 

7 февруари 2014 - 18:57