Како изгледа да си бебе-актер?

Учествуваат на аудиции. Плаќаат даноци уште од првата година. Добиваат критики за своите улоги. И не ги бркаат од сет кога ќе ги наполнат пелените. Штета што најверојатно нема ни да се сеќаваат на овие искуства. 

Нема побизарно од тоа кога во омилената серија или среде напната филмска сцена ќе се појави бебе за кое е апла очигледно дека е кукла или „аниматроникс“ (исто кукла, ама управувана на далечинско). Во театар тоа некако може да помине, но и таму режисерите повеќе сакаат да имаат вистинско, под еден услов - да гуга и да плаче во за нив погодното време. 

Секако, ова е речиси невозможно, па продуцентите, кастинг директорите и сите на сетот се под голем притисок кога знаат дека нивен „колега“ тој ден (или повеќе денови) ќе биде некој без ниту еден ред текст, но со многу невербални гестови и дејства. Ова за продукцијата подразбира и дополнителен ангажман. Бидејќи бебето треба да одговара горе-долу на изгледот на родителите во филмот, серијата или претставата, тоа треба да биде од конкретна раса и возраст. Оттаму се случува во најтесен избор да влезат 20 бели машки бебиња, сите на возраст од три месеци, со кафена коса и кафени очи. И топтан да дојдат на аудиција, сосе своите родители. Целата работа е прилично стресна за сите страни. 

Од родителите се бара да бидат „флексибилни, посветени и да можат да се појават сосе бебето во краток временски рок“. Кога се бира бебе за рекламни видеа или фотографија тоа најчесто се прави врз основа на снимки. Но за филм или театар режисерите мора да знаат дали бебето има - трема. 

За театар аудицијата обично изгледа вака: бебето се предава на инспициентот, се става среде сцена во темница на душек и се остава така 20 секунди со чудна и по малку морничава музика во позадината. Или барем било вака кога се бирало бебе за преставата The Ferryman, во режија на Сем Мендез во Кралскиот театар во Лондон од 2017, за којашто тој истата година доби и награда Тони за најдобра режија. Најдобро се покажало бебето Рафаел, кое не само што ја добило улогата бидејќи воопшто не заплакало на аудицијата, туку не го сторило тоа и во следните 48 настапи!

Законските одредби за учество на бебиња на сцена или на филм се разликуваат од земја до земја. Во Британија тие можат да добијат дозвола дури и ако се родени вчера, но во САД можат да почнат да глумат кога ќе „наполнат“ 15 дена и само со белешка од доктор. Исто така има правила за тоа колку часа бебето може да биде на сет, колку паузи треба да бидат овозможени и генерално кои се неговите права. А секако, бебињата-актери добиваат и хонорари, при што родителите треба да одделат процент во посебен фонд на име на детето. 

Во гардеробата секогаш чека и второ бебе - замена за првото, во случај нешто да тргна наопаку. Но под ова не се смета доколку ги наполни пелените, бидејќи бебињата главно „храбро“ го издржуваат овој товар. За разлика од нивните возрасни колеги во истата сцена.   

Најинтересно сепак е кога бебето е мирно, а баш тогаш треба да плаче. Тогаш оние од филмскиот сет задолжени за него имаат посебна техника да го поттикнат:

24 февруари 2022 - 09:48