Како Дејвид Фостер Валас го предвиде Зум - и нашиот замор од онлајн конференции?

Ликовите во „Бескраен мајтап“ - еден од најкомплексните романи на светската книжевност - најпрвин се воодушевени од можноста да комуницираат преку видеофони. Но набргу почнуваат да ги чувствуваат сите нуспојави. Точно оние кои набргу и ние ќе ги осетиме.

„Бескраен мајтап“ (Infinite Jest) од 1996 е од оние романи кои често се цитираат како еден од најдобрите, во случајов на американската книжевност, а всушност е вистински подвиг да се прочитаат. Тешко е дури и да се опише што се случува во него. Но јасно е дека станува збор за блиска иднина, во која еден од изумите се - видеофони. Најпрвин луѓето се воодушевени од ваквата можност. Но наскоро седењето пред монитор и слушањето предавања или правењето муабет почнува да ги изнемоштува. Ви асоцира на нешто?

Некаде во иднината САД, Канада и Мексико прават заедничка северноамериканска држава позната како Организација на Северно-американските Нации (или на англиски ONAN - асоцијација на онанирање). Во неа на коропорациите им е дозволено да лицитираат и да купат права за именување на секоја календарска година, со што се заменува вообичаеното броење. Оттаму, единствено што знаеме е дека главнината на дејството во „Бескраен мајтап“ се случува во текот на „Годината на Дипенд адалт андергармент“ (реален бренд пелени за возрасни).

Ликовите во овој дистописки свет личат на нас и се борат со истите зависности: забава, дрога, алкохол, успех по секоја цена. А да можеше да има име на бренд нашава 2020 година, веројатно ќе се викаше „Годината на Зум-от“.

„Бескраен мајтап“ ги предвидува видео повиците, нарекувајќи ги „видеофонија“. Но иако во романот тие доживуваат огромна популарност, наскоро побарувачката опаѓа „како шутнат шатор“. Луѓето се враќаат на аудио телефонијата (и тоа на обичните фиксни телефони), наведувајќи како причини емоционален стрес, недостаток на самодоверба за тоа како изгледаат на камера и растечки технолошки побарувања (да се има ваква или таква камера и/или микрофон).

„Излезе дека има нешто особено стресно во врска со визуелните телефони кое не постоеше во претходната традиционална телефонија“, заклучува Валас во книгата. Неговите ликови го имаат луксузот да се вратат назад кон претходни практики (обични фиксни телефони) кои до тогаш не им биле познати. За нас тие се сепак преблиско минато за да можеме така лесно да се откажеме од новата технологија, иако знаеме дека е далеку од совршена. Она што се уште не сме го сфатиле до крај, а го насетуваме, е нешто што Валас го нарекува „синдром на видео-физиономска дисфорија“ - начинот на кој лицата на екранот, дури и да се пријателски настроени, стануваат инвазивни, несимпатични и заканувачки откако ќе ни се наредат на мониторот, зјапајќи едни во други. За ова Валас предвидува „хај-дефинишн маски“, не онакви како за пандемија, туку такви кои целосно го покриваат лицето, направени од полибитулен, а кои треба да рефлектираат добро расположение и пријателски однос.

Втора опција во романот е тн. „Преносно табло“, високо квалитетни фотографии кои се некои вид диорами, што би одговарало на денешните позадински фотографии за Зум (до сега сме посведочиле такви со вселена, репродукции на познати сликарски дела, табла со формули или полици со книги, сето тоа секако виртуелно).

Најинтересното во визионерството на Валас е појавата на тн. „шик интегритет“ - одбивањето на видеофонијата како облик на „ропство кон корпорациите и хај-тек новитетите“. Ова пренесено во нашиот свет би ги определило оние кои намерно не раскреваат по дома за нивните видео повици да го рефлектираат хаосот, не се шминкаат ни чешлаат, и не користат соодветно осветлување. Според Валас тоа е како да отвориш врата кога некој ѕвони по гаќи, покажувајќи дека ама ич не ти е гајле за социјалниот ефект на твоето појавување.

Иако ја сфаќаме и поддржуваме оваа логика, се уште на нашите видео повици ќе се појавуваме средени. Стокмени од половината нагоре, со софистицираната позадина на домашната библиотека, и со пижами и распрар (топли) чорапи од половината надолу.

17 октомври 2020 - 10:09