Сок од лимон и од простата

Историја на невидливото мастило

Смоквино млеко, сок од лимун или кромид, плунка, сперма, крв, оцет, аспирин и лаксативи - од сето ова може да се направи невидливо мастило. Една книга ја трасира неговата долга историја, помешана со моменти на добра трилер-акција.

Во новата книга „Затвореници, љубовници, шпиони: приказната за невидливото мастило од Херодот до Ал-Каеда", историчарката на шпионажата Кристи Mакракис го истражува невидливото мастило, паралелно со пошироката историја на стеганографијата (од грчкото steganos - скриено, заштитено), oдносно тајното писмо. Има тука и свитоци чувани во зајачки стомаци, и пораки на мочни меури од свињи, писма напишани на свила и пренесувани во анусот на курирот.

Тајните писма се мотивирани од три главни сили, вели Макракис: војната, заточеништвото и љубовта (а понекогаш од сите три заедно). Некои случаи на такво пренесување пораки се навистина креативни: кога Хистија, тиран на Милет, сакал да иницира револт на Јонските Грци против персискиот крал Дарие Први, испратил тајна порака до нив со тоа што ја тетовирал на скалпот на некој роб. Кога косата му пораснала пораката станала невидлива, па тој лесно можел да мине крај Персијците.

Во текот на Првата светска војна во Британија постоел посебен поштенски одел за читање писма и откривање на можни тајни кодови. Повеќето од вработените во нив биле жени, затоа што се сметало дека жените воопшто имаат „шесто сетило" за логиката на шпионажата, според која „секое писмо кое не кажувало апсолутно ништо се сметало за сомнително". Во текот на истата таа војна на некој офицер му текнало дека најфиното невидливо мастило кое (секогаш) стои на располагање е - спермата. Очигледен начин да се дојде до него била мастурбацијата, која (наводно) британските шпиони морале да ја практикуваат од стриктно службени причини. Името на генијалецот зад идејата била Мансфилд...Каминг.

Во Втората светска војна невидливото мастило било заменето со „микродот", начин на складирање текст на мал диск, најчесто направен од метал или полиестер. Џ. Едгар Хувер, првиот директор на ФБИ, бил опседнат од „микроточките" - во 1941 некои од пресретнатите непријателски пораки во ваков формат содржеле технички информации за воените бази во Перл Харбор, но никој не реагирал на време. Хувер очигледно бил повеќе заинтересиран за самиот медиум, отколку за неговата содржина.

Според критичарите, Макракис го одбегнува најголемиот ризик на пишување ваква книга - прогласувањето за тајно и кодирано и на она што не е, согласно комуникациските стравови на современата ера. Денес дигиталната комуникација го има преселено невидливото мастило во детските комплети за правење домашни експерименти, а нулите и единиците станаа новиот „сок од лимун". Во 2011 форензички експерти од Германија излегоа со тврдење, десет години претходно начнато во текст во USA Today, дека Ал Каеда крие планови за напад во порнографски слики постирани онлајн, вметнувајќи криптирани пораки во нивниот код. Ако интернет е новиот масовен медиум за пренесување тајни пораки, тогаш за нивно пресретнување се отвара многу работа за жени со „шести сетила".

14 октомври 2014 - 09:43