Историја на џез пијаното во 11 минути

Oд регтајм до хипхоп, видео кое покрива различни музички стилови во кои главна улога игра инструментот со црно-бели типки. 

Пред некое време во ди-џејскиот избор на неделата ја вклучивме обработката на These Foolish Things на Телониус Монк, пијанист чии експерименти со хармониите и ритамот се сметаат за пресвртници во третирањето на пијаното како џез инструмент.

Крис Бауерс е победник на престижниот натпревар кој го носи името на Телониус, и во моментов е еден од најбараните млади џез пијанисти. Во ова видео тој прави преглед на различни стилови од 1800 година до денес, почнувајќи од регтајм па преку индивидуални стилови на различни негови претходници, до хипхоп семплови на познати џез композиции.

На таблата десно се испишуваат факти поврзани со композицијата која се изведува во моментот, а под неа е името на темата и годината кога се појавила. Видеото завршува со повикот „Научете да свирите некој инструмент, затоа што тоа е забавно".

25 април 2014 - 13:39