И шимпанзата се ставија на видео повици за да не бидат осамени

Вработените во сафари паркот „Двор Кралове“ и во зоолошката во Брно организираат дневни онлајн средби за нивните шимпанза, за да им го олеснат карантинот и да го надоместат недостатокот од посетители. 

„И тие се луѓе!“, ни доаѓа да викнеме сочувствувајќи со маката на изолираните шимпанза, кои не само што се во кафези туку сега, во екот на пандемијата, се двојно осамени поради недостаток на посетители.

Тие се високо интелигентни животни, па и во вообичаени околности им се потребни активности за да бидат среќни и здрави. Но сега, со оглед на строгите карантини воведени во Чешка, ова се наметнува како уште поголем проблем.

Вработените во зоолошката и во сафари паркот во Брно, кои се затворени веќе подолг период, дошле на идеја да постават големи екрани наспроти кафезите, па на тој начин шимпанзата можат да гледаат снимки од она што се случува во „побратимената“ институција, односно што прават други животни.

Најпрвин тие биле збунети, дури и правеле одбранбени или заканувачки гестови кон екранот, но по некое време се навикнале и изгледа дека уживаат во програмата. Таа треба да трае до крајот на март а потоа вработените ќе проценат дали да продолжат со истата, и на кој начин.

Чешка неодамна воведе нов карантин кој дозволува луѓето да ги напуштаат своите домови само за итни потреби. Шимпанзата оттаму се досадуваат, бидејќи не можат да комуницираат со посетителите. Новиот екран за видео повици не вклучува звуци во живо, но нуди широкоаголно искуство на кафезите во другата институција и на шимпанзата кои живеат таму. Тие се изгледа свесни дека се снимани и дека од другата страна „колегите“ можат да ги видат, бидејќи се случувало да ја носат својата храна кон камерата и да им ја покажуваат. На моменти чистачите имале проблем да ги испразнат кафезите за дневното чистење, бидејќи шимпанзата биле „хипнотизирани“ од екранот.

Додека уште траат преносите, зоолошката овозможува и нивно следење онлајн, за сите заинтересирани примати.

25 март 2021 - 17:17