И Чак Паланиук со нов серијализиран роман на Сабстек

Њузлетер платформата однапред му плаќа на Паланиук за книга под наслов „Позелени пасишта“ (Greener Pastures), без никакви обврски околу тоа што и како ќе пишува.

Пред неполн месец пишувавме за тоа дека Салман Ружди ќе ја објави својата нова книга, „Море од приказни“ на њузлетер платформата Сабстек во повеќе делови. Сега истото ќе го стори и Паланиук, славниот автор на „Боречки клуб“, чиј 16-ти роман ќе се вика „Позелени пасишта“. Тој ќе почне да се објавува почнувајќи од следниов понеделник, 27.9, а ќе може да се чита за 6 долари месечно или 40 долари годишно, со тоа што првите три делови ќе бидат бесплатни.

Паланиук изјавил дека понудата на Сабстек му изгледала привлечна поради уредничката независност. „Тоа е навистина привлечна идеја, дека нема да имате некој кој ќе ви се меша во содржината на вашето дело“. Иако добил пари однапред, договорот не содржи посебни услови за тоа што и како треба да пишува. На неговиот Сабстек профил ќе можат да се најдат и предавања за креативно пишување и за тоа како човек да се снајде во издавачката индустрија.

Романот ќе биде фикција за млади, „прилично мрачна и по малку сексуализирана“. Таа зборува за „кризата со која се соочуваат младите луѓе кога треба да одберат кариера, партнер и да основаат дом“. Фокусот е на група средношколци на кои им е понудена шанса да се „продадат“ како наследници на милијардери и на кралски лози низ светот.

Договорот со Сабстек доаѓа откако Паланиук речиси банкротира поради измама направена од сметководител кој работел за него во поранешната книжевна агенција. Тој е осуден на две години затвор во 2018 откако Паланиук загуби околу 2,5 милиони долари поради измамата. Сепак авторот вели дека во моментов е застанат на нозе и дека овој договор не бил мотивиран од финансии, туку од љубопитност.

До сега освен Ружди со платформата договор за објавување на свои книжевни дела имаат и Пати Смит и израелскиот писател Етгар Керет. Сабстек е познат по привлекувањето истакнати новинари од калибарот на Мат Таиби, а во моментов има повеќе од 500.000 претплатници кои следат некој од авторите на списокот.

21 септември 2021 - 16:39