Хилдур Гуднадотир - првата композиторка добитничка на Оскар по 23 години

Има тешко име кое Сигурни Вивер едвај го изговори на сцената. Но за оваа Исланѓанка изгледа допрва ќе слушаме.

Категоријата за најдобра оригинална музика оваа година беше прилично јака, со неколку ветерани во неа, меѓу кои Џон Вилијамс за „Војна на ѕвездите: подемот на Скајвокер“ и Ренди Њуман за „Брачна приказна“. Но Оскарот го зема Хилдур Гуднадотир, која е прва жена-композитор која го добива по 23 години, и трета откако постојат Оскарите. Има и толкување дека е всушност е прва во оваа категорија, бидејќи во времето на претходните добитнички, 1996 (Рејчел Портман за „Ема“) и 1997 (Ан Дадли за „Фул монти“), постоеле две одделни награди за оригинална композиција, за мјузикл или комедија и драма. 

Презентерките (Вивер, Гал Гадо и Бри Ларсон) на некој начин ѝ направија контра-услуга на лауреатката со нивниот „прајмтајм феминизам“, зборувајќи за тоа дека „сите жени се супер-херои“ и најавувајќи ја Емер Нун, првата жена-диригент на Оскарите, која и покрај целата џева го раководеше оркестарот само во текот на изведувањето на кратки парчиња од номинираната оригинална музика. Некако излезе дека и изборот на Гуднадотир е во склоп на ова лажно прокламирање родова свесност, иако таа компонира веќе две децении, и претходно беше наградувана. До музиката за „Џокер“, нејзини најпознати дела беа музиката за вториот дел од „Сикарио“, и за мини-серијата Чернобил за која се закити и со Греми за најдобра композиција.

Инструментот на Хилдур - челото - преовладува во „Џокер“ и ја отсликува драматичноста на психолошките состојби на главниот лик. За разлика од вообичаената постапка, композиторот да почне да работи на музиката откако филмот ќе биде завршен, во случајот со „Џокер“ Тод Филипс сметал дека таа треба да се направи претходно, па во текот на снимањето да се доработува. Тој знаел да им пушта парчиња на актерите на сетот, а таа влијаела и на кинематографијата и на глумењето, поттикнувајќи снимање на неколку сцени кои претходно и не постоеле во сценариото.

Во биографијата на Гуднадотир има пет соло албуми и неколку албуми-соработки, но после Оскарот за Џокер сигурно ќе почне да добива повеќе понуди за филмска музика.

Еве како звучи музиката од него одделно од филмот - како најава на катастрофа, како вода која надоаѓа...

10 февруари 2020 - 12:02