Хендл и Хендрикс под покрив на еден ист музеј

Германски-британски барокен композитор познат по своите опери, верски химни и концерти за органа. Aмерикански музичар, еден од најдобрите гитаристи во историјата, кој ги палеше своите гитари на сцена. Што ли би можеле овие двајца да имаат заедничко, побогу?

Хендл Хендрикс Хаус се состои од два објекта: куќата на барокниот композитор на лондонската Брук стрит број 25. И станот на рок гитаристот Џими Хендрикс на последниот кат од Брук стрит број 23. 

На првата адреса Георг Фридих Хендл живеел од 1723 до својата смрт во 1759. Реставрираните простории ја вклучуваат неговата спална соба и дневната во која одржувал проби со музичари и пејачи и често пати организирал неформални рецитали за пријатели и соседи. Дополнителните соби се користат за привремени изложби кои се фокусираат на аспекти од неговиот живот, неговата оставштина и барокните инструменти кои можат да се слушнат во неговите дела. 

Хендрикс живеел на спомнатата адреса од јули 1968 до март 1969. Реставрирана е главната соба кадешто престојувал и примал гости, свирел и пишувал нова музика. Истовремено, тоа е местото кадешто давал бројни интервјуа и бил сниман за телевизии. Постојаната изложба нè внесува во музичкиот и социјалниот свет на Лондон во 1960-тите, неговите влијанија и културно наследство. Во моментов се работи на нови соби кои наскоро ќе бидат отворени за посетителите. 

Ова значи дека доколку биле истовременици, Хендл и Хендрикс би биле комшии - можеби би соработувале („Музика за кралскиот огномент“ напишана за кралот Џорџ Втори со електрична гитара?). Наместо тоа нивните музики сега одекнуваат во овие простории како матинеа и вечеринки, а еднаш месечно се организира и џем сешн за гитари. 

Во 2020 овие два лика, разделени со 246 години, се „сретнаа“ во епизода од комичната серија Урбани митови емитувана на Скај Арт телевизија, во која Хендрикс, во моментот кога се сели во зградата во Лондон со девојка му Кејти Ечингем, се среќава со духот на Хендл и со него разговара за сè и сешто, а најмногу за стресот на музичкиот бизнис. 

Официјалниот сајт на Музејот

19 март 2024 - 18:35