Харвард ќе врати прамени коса од 700 домородни деца

Дел од мрачното минато на антропологијата е обидот научно да се докаже дека одредени етнички групи и раси поради своите физички карактеристики се инфериорни во однос на други. Како резултат на ваквите проучувања биле создавани колекции кои музеите често пати ги кријат. Една таква е откриена неодамна, по речиси еден век.

Над 80 години музејот Пибоди при Универзитетот Харвард поседувал збирка примероци коса од 700 домородни американски деца, за која никој не знаел. Ова институцијата го обелодени неодамна, истовремено издавајќи формално извинување и ветување дека прамените ќе им бидат вратени на семејствата и на племенските заедници. 

Збирката била создадена помеѓу 1930 и 1933 година од страна на антропологот Џорџ Едвард Вудбери, кој собирал вакви примероци од ученици кои биле присилени да се запишуваат во интернати и да посетуваат државни училишта. Вудбери ја донирал на музејот Пибоди во 1935, но таа претходно не била изложена. Сега, на сајтот на Универзитетот Харвард се објавени информации во врска со неа, со дисклејмер дека тој „вклучува информации за трауми кои им биле нанесени на домородни северно-американски деца“.

Собирањето и проучувањето на коса и други делови од телото била вообичаена практика во тек на неколку векови, во име на наводна наука. Оттаму, во повеќе музеи се случува да постојат збирки кои биле резултат на ваквите проучувања. Голем дел од нив биле создадени за да го поддржат, директно или индиректно, научниот расизам. 

Невладина организација која ги застапува преживеаните од ваквите програми, издала соопштение како реакција на „вознемирувачкото откритие“. 

„Иако го земаме предвид извинувањето намузејот Пибоди и нивниот напор за враќање на овие материјали на роднините и племенските нации, како суштински прв чекор, сепак очекуваме посуштински и итен одговор на дехуманизирачките практики на собирање кои се толку чести во антрополошките, археолошките и музејските науки“.

Соопштението на Пибоди доаѓа само два месеци откако Харвард вети дека ќе ги врати човечките остатоци на 19 луѓе-некогашни робови на нивните потомци. 

19 ноември 2022 - 10:46