Гонкур 2023: редок случај престижната награда да се додели на бестселер

Најпрестижната книжевна награда во Франција, која во пари „тежи“ само 10 евра, но повлекува слава и продажба, се доделува од 1903-та. Оваа година неа не ја доби некое елитистичко дело, туку автор кој со само четири објавени книги доживува метеорски подем и статус на автор на бестселери.

Жан-Батист Андреа ја доби најпрестижната книжевна награда на Франција, Гокуровата, за 2023. Тоа е бестселер-сага за животот на скулптор во текот на подемот на фашизмот во Италија.

Андреа, кој почнал да се занимава со пишување романи по долга кариера како сценарист, го опишува своето дело „Грижи се за неа“ (Veiller sur elle) како приказна за љубовта, пријателството и одмаздата. И покрај тоа што Гонкур обично не добиваат книги кои веќе имаат статус на „популарни“ (нешто што во високите кругови има негативен призвук), овој пат правилото е прекршено.

Книгата се занимава со италијанската политичка историја и класната структура од времето на Првата светска војна до 1980-тите, особено со подемот на фашизмот како постепен феномен од секојдневниот живот. Запрашан зошто изгледаше малку веројатно дека неговиот бестселер ќе добие Гонкур, авторот изјавил:

„Мислам дека денес сме ориентирани кон раскажување приказни во кино, како да има нешто малку вулгарно во тоа да раскажеш приказна во книга, како тоа да исклучува длабочина. Но верувам дека истовремено можеме да бидеме и длабоки и популарни, и да им понудиме повеќе нивоа на читање на различни типови читатели и генерации“. 

И неколку други книжевни награди беа доделени деновиве во Франција. Ен Скот, која се здоби со голем број обожаватели по нејзиниот роман од 2000-та, „Суперѕвезди“, за генерацијата Икс и париската техно сцена, ја доби наградата Рено за новиот роман „Безобразни“, за филмски композитор кој го напушта Париз за да живее во провинција. Неж Сино ја доби При Фемина за „Тажниот тигар“ која раскажува за сексуалната злоупотреба која таа ја доживеала како дете.

9 ноември 2023 - 08:29