Го одбивам одбивањето - студентски одговор на писмо од Харвард

Пол Девлин денес е режисер и спортски новинар со пет награди Еми. Но во неговата биографија на Википедија има еден посебен пасус посветен на писмото што го испратил на Харвард уште како средношколец.

„Откако ги разгледав големиот број писма со одбивања кои ги добив во последниве неколку недели, со големо жалење ве информирам дека во моментов не можам да го прифатам вашето“.

Вака почнува писмо, куцано на машина, кое режисерот и спортски новинар Пол Девлин го испратил во 1981 година до Универзитетот Харвард, како одговор на нивното одбивање на неговата апликација. Тогаш тој бил матурант, но очигледно доволно фокусиран и со смисол за хумор, за меѓу другото да забележи дека во писмото од Харвард имало и коректорска грешка, која му послужила како основа за одбивање на одбивањето. 

Мајка му испратила примерок од писмото до Њујорк Тајмс и тоа е објавено во весникот на 31 мај 1981. Тоа, во времето пред социјалните мрежи успеало да стане „вирално“, циркулирајќи особено помеѓу ученици трауматизирани од повеќекратни одбивања за упис на факултет. 

Животот на ова писмо продолжува и денес, бидејќи темата секако е се уште актуелна. Во долното видео него го чита Химеш Пател, актер познат по ИстЕндерс и Стејшн 11.  

Еве го тука:

Секое од моите одбивања беа внимателно и поединечно анализирани. Предвид беа земени поголем број фактори - големината на институцијата, односот студент-вработени, локацијата, репутацијата, трошокот и социјалната атмосфера во универзитетот. 

Сигурен сум дека повеќето факултети кадешто имам аплицирано се повеќе од квалификувани за да ме одбијат. Исто така сум сигурен дека при моите отфрлања (на нивните одбивања) е можно да сум направил и по некоја грешка. Можам само да се надевам дека нивната бројка е мала.

Свесен сум дека ова мое одбивање може да ви предизвика големо разочарување. Во текот на моите размислувања ги имав на ум времето и напорот кои сте ги вложиле за да дојдете да одлуката да ме одбиете. 

Ви благодарам што покажавте доволно интерес за мене за да ја одбиете мојата апликација. Дозволете ми да ви посакам се најдобро во она што сум сигурен дека ќе биде ваша успешна академска година. 

Се гледаме на есен!

Пол Девлин

И покрај луцидноста и храброста на ова писмо, Харвард не покажал баш разбирање и не ја преиначил одлуката. Како и да е, Девлин завршил на Универзитетот во Мичиген и успеал да стане режисер петкратно награден со Еми за најуспешни телевизиски програми поврзани со Олимписките игри и Тур д Франс, како и документарци за кризата со електрична енергија во Грузија по падот на СССР и светот на поетските слемови.  

20 март 2023 - 10:28