Букбокс гледаше: „Малер опнување или безумно порно“ (2021)

Насловот е можеби претерано „накитен“ но и не толку далеку од провокативноста, и на структурата и на содржината на овој романски филм, кој лани ја доби Златната мечка во Берлин.

Професорка по историја во престижна гимназија и нејзиниот сопруг прават секс-видео, кое некако се појавува на интернет, вознемирувајќи ги духовите на родителите и школските власти. Еми Чилибиу, како што се вика наставничката, во „цивил“ делува и повеќе од прибрано, со маслинестото костумче и изглед кој не асоцира на секс-бомба. Но во видеото таа се претвора во вистинска „професионалка“, со тетовирана пеперутка на пубисот и соблазнителни креветски вештини. Дали детално ќе ги посведочите зависи од тоа дали ќе ја гледате цензурираната верзија (во моментов достапна на ХБО) или онаа другата. 

Но вистинското порно всушност се одвива на друго место. Долгите кадри кои водат низ улиците на Букурешт, џиповите паркирани по тротоари и безработниците кои киснат на автомати уште од рано наутро, комбинирани со ветувањата кои бликаат од билбордите со реклами за подобар и пораскошен живот, ја прават ироничната позадина на приказната. Таа станува апсурдна споредена со поголемите проблеми на ова општество, многу слично на нашето, меѓу кои и тогаш aктуелната пандемија. Маските кои ги носат учесниците, често со симболични дизајни или текстови, го нагласуваат лицемерието и „маската“ на демократија и цивилизираност на оние кои ја носат.

Филмот е поделен на три дела, започнува со озлогласената снимка а потоа почнува да нè воведува во начинот на кој наставничката Еми се обидува да излезе на крај со последиците од нејзиното протекување на интернет. Вториот дел е концептуален и нема голема врска со остатокот од содржината на филмот, освен во една најширока смисла. Режисерот Раду Жуде за момент ја прекинува нарацијата и ни нуди речник од 26 термини по азбучен ред, кои покриваат различни теми, од воена тиранија до фелацио, придружено со цитати од истакнати мислители, практично еден вид список на идеолошки претпоставки кои довеле до проблемот на Еми. Tретиот дел го сочинува нејзиното „судење“ од страна на родителскиот совет, составен од луѓе на различна возраст и социјално потекло, меѓу кои дотерани, морално исправни теткици, пилот, генерал, свештеник, хипстер. Еми добро ја аргументира својата одбрана, па исходот - дали таа ќе остане на своето работно место или не, не е сосема предвидлив, и режисерот ни нуди повеќе верзии од кои некои се крајно бизарни. Но теоријата е јасна, дека колонијализмот, комунизмот, христијанството, капитализмот и други -изми сносат поголема вина за злосторства против човештвото отколку едно мрсно видео направено помеѓу возрасни луѓе со меѓусебна согласност.

Филмот е замислен како напад на хипокризијата и злобата на „малите луѓе“ кои едвај чекаат повод да дивеат врз судбината на оние помалку моќните од нив. Иако на моменти делува како да претерува со инсистирањето да биде откачен и авангарден, тој е одличен пресек на времето во коешто живееме. 

Илина, Букбокс

10 јуни 2022 - 11:09