Ѓубрето на Апдајк и прашањето на приватноста на славните

Додека е во полн ек дискусијата околу протечените голи фотографии од холивудските ѕвезди, уште една приказна отвара прашања за приватноста на славните и кој ја одредува вредноста на оставштината на некој уметник. Запознајте го човекот кој го поседува ѓубрето на Апдајк.

Годината е 2006, три години пред смртта на Апдајк, а местото е Беверли Фармс, северно од Бостон. 48-годишниот Пол Моран при неговото секојдневно возење точак случајно го одминал писателот, додека овој во рацете држел две пластични ќеси со ѓубре, одејќи кон контејнерот. Љубопитниот Моран по некое време се вратил и почнал да копа по отпадот, надевајќи се дека ќе најде нешто со што ќе може да се пофали пред друштво. На негово изненадување една од ќесите била полна со парчиња црвена кожа, што по малку испитување испаднало дека се футроли од почесни титули од неколку факултети во земјата.

Иако отпрвин имал чувство на вина, Моран набргу се вратил до куќата на Апдајк. И пак. И пак. Така собрал илјадници предмети, од отфрлени скици за раскази, нереализирани чекови, новогодишни честитки, дискети, љубовни писма, покани од Белата куќа. Ова е збирка која тој ја нарекува „другата архива на Џон Апдајк" како алтернатива на официјалната, која се чува во една од харвардските библиотеки. Истовремено, Моран одржува блог под истото име. 

(најгоре: кутии со слајдови од семејни патувања на Апдајк, горе повик за учество во порота од 1964)

Самиот Апдајк во текот на животот бил прилично ангажиран и проактивен кога станувало збор за правењето сопствена архива. Во текот на 1960-тите почнал да остава кутии со различни материјали, дури и листови со резултати од партии голф, на чување во библиотеката на Харвард, кој и ја откупил колекцијата за 3 милиони долари по смртта на писателот. Кутиите според вработените биле „прекрасно организирани", што покажува колку Апдајк бил загрижен околу обемот и наративот на неговата книжевна оставштина. Но очигледно има природна тензија помеѓу јавната побарувачка за информации и контролирањето на сопствената репутација (особено постхумно).

Мислењата за постапката на Моран се поделени - едни ја нарекуваат „ужаснувачка", го обвинуваат Моран за кражба, но други пак, и тоа самата полиција во регионот, вели дека откако еднаш нешто е фрлено, секој може да го земе. И Моран не бил толку глуп да не се распраша во меѓувреме околу законските аспекти на неговите постапки. Она што никогаш не го направил, и на тој начин според него не ја преминал етичката граница, е што не ги продавал предметите. Сепак, тој признава дека алкохлизмот од којшто претходно се лечел го заменил со нова опсесија, за која единственото оправдување било дека дава поинаков поглед на животот и делото на еден значаен автор.

(чек со наплата на разлика за учество на Апдајк во 200-та епизода на Симпсонови)

Меѓу ретките нешта кои Моран ги фрлил бил евтин порнографски роман објавен во 1960-тите и копија на Кама Сутра. Најинтересни пак му биле скиците на раскази кои на Апдајк наверојатно му ги редактирала втората жена, која на маргините на еден од нив напишала „Не се потсмевај, ова е злобно, ова е сурово".

„Мојот живот, во некоја смисла, е ѓубре", изјавил Апдајк за Paris Review. „Единствено нешто кое е негов сопствен остаток е моето пишување". Очигледно остатоци и од неговиот живот и од неговото пишување има многу, а етиката околу нивното собирање и презентирање уште долго ќе предизвикува контроверзи.

3 септември 2014 - 13:23