Фуснота: колку тоа сериозно звучи

Фуснотата за едни е непотребно оптоварување на текстот, што не мора да се чита. За други таа е доказ за упатеноста и чесноста на авторот. Разговорно, пак, да си „фуснота“ (на пример на историјата) значи да имаш маргинално значење. 

Информациите никогаш не биле подостапни, а истовремено понесигурни. Советот е човек да си ги проверува изворите, но ова е по малку иронично со оглед на тоа што најголемиот број достапни извори на интернет се изградени без стандардизирани референци кои важат за другите облици на знаења - оттаму на нив се гледа како на помалку вредни и инфериорни во однос на оние писмените.

Но академските дисциплини имаат дизајнирано ригидни системи за категоризирање и организирање на изворниот материјал дури неодамна. Ентони Графтон во својата книга „Фуснота: една необична историја“ (1999) ја трасира историјата на референцата која стои на дното на страницата и упатува на други дела врз основа на кои нешто се цитира, се тврди или се критикува.

Фусностата или нешто слично на нејзината модерна форма изгледа дека била измислена во 17 век, а денес претставува назнака дека текстот кој го читаме е сериозен и интелектуално чесен. Сепак ова може да биде и илузија. „За оној кој не е експерт, фуснотите изгледаат како длабоки коренски системи, цврсти и фиксирани; на познавачот, пак, тие му изгледаат како мравјалници, околу кои се води конструктивна и агресивна активност“, пишува Графтон.

Целта на цитирањето - и тоа на соодветен, стандардизиран начин, кој сепак се разликува зависно од списанието и традицијата - генерално е да им се оддаде почит на другите кои пишувале пред нас на некоја тема. Tие можат да играат и социјална функција, како благодарност или потпикување на нашите колеги и ментори. Често се и доказ за тоа дека литературата која морала да биде прочитана за одредена тема е земена предвид (а исклучувањето пак на „класиците“ самото по себе е сигнал за „контрашки“ став). Атрибуцијата односно наведувањето на изворите, им овозможува на читателите да ги проверат аргументите и наводите следејќи мрежа од извори наназад кон нејзините извори. Или барем создава илузија за можноста за истото.

Ова се однесува на академските статии и дела. Во белетристиката работите стојат малку поинаку и „фуснотите“ се главно благодарности, на крајот од книгата. Уелбек, веројатно како зафрканција, на страницата за благодарности на „Мапата и територијата“, се заблагодарува на француската Википедија, чии статии ги користел како инспирација, „особено оние за мувите, градот Бове и Фредерик Ниу (француски политичар од партијата за Лов, риболов, природа и традиција). Сепак кон ова додава дека ги менувал фактите онаму каде што тоа му дошло згодно, затоа што „на крајот на краиштата ова е фикција“.

11 мај 2021 - 17:21