Признание за една заборавена вештина

Фонтот кој зборува во немите филмови

Реставрирањето на филм од 1916 било повод да се рекреира еден заборавен фонт, кој сега може да се користи и на телефони и таблети заради неговата читливост и ретро ефект. Плус потсетува на некои времиња кога без зборување било кажувано многу. 

Во раните денови на Холивуд, немите филмови биле креативно поле за цела генерација анонимни дизајнери на фонтови. Цртани со рака, црно-белите наслови и текстови помеѓу сцените се правеле со тн. „спидбол" стил на букви, кои го добиле името според истоименото пенкало Speedball, популарно заради топчестиот врв кој оставал меки, заоблени и течни линии.

Иако без текстот овие филмови би биле речиси неразбирливи, никој во тоа време не добил какво и да е признание за неговата изработка. Неодамна, дизајнерот Чанк Дизел од Минеаполис бил ангажиран од страна на Фестивалот на нем филм во Сан Франциско да го рекреира оригиналниот фонт. Резултатот е еден вид трибјут на „картичките со текст" во овој жанр.

Филмот на којшто работел Дизел, Добриот лош човек со Даглас Фербенкс во главната улога, бил направен во 1916, а неговата реставрирана верзија била прикажана во мај оваа година. Најпрвин продуцентите се обиделе да искористат постоечки фонтови, но не можеле да го најдат точно тоа што го сакале. Затоа му се обратиле на Дизел, за тој да создаде фонт кој би бил најблизок до оној користен во филмот. Со оглед на тоа што оригиналниот примерок од 1916 не е сочуван, единствен извор била 16мм копија од неговата верзија од 1923.

Во 1916 начинот на правење на картичките се состоел од сликање или цртање на мазна подлога, а потоа фотографирање на текстот со самата филмска камера. Сега новите букви се креирани во Адобе илустратор. Омилена буква на Дизел е „г" (g), според која тој гo oценува квалитетот и убавината на фонтовите воопшто. Најтешко било да се дизајнира соодветната интерпункција за ерата на немиот филм, на пример ситните наводници поставени до големи почетни букви на секоја картичка, кои даваат драматичен тон, но кои се различни од обичните големи букви користени внатре во текстот. Исто така биле ставани по две празни места пред и по извичниците, точките и запирките, за текстот да „дише".

Но употребата на овој фонт нема да се ограничи само на реставрираните неми филмови. Во него има голем потенцијал за користење на модерните апарати, како телефони и таблети, бидејќи насловите напишани со него се многу читливи. Истовремено, старовремскиот изглед овозможува убав ретро ефект.

12 јули 2014 - 10:28