Феноменот на ненадејна потреба од ВЦ кога ќе се влезе во книжарница

Не е некакво истражување за Иг Нобел. Ниту пак метафора за поврзаноста на умствените процеси со физиологијата. Ова е реален (?) феномен за кој се дискутира со години, но кој се уште нема медицинско објаснување.

Наречен е „феноменот на Марико Аоки“ според непозната Јапонка која го опишала ефектот во рубриката писмо од читателите во списанието „Хон но заши“ (Книжевен магазин) во 1985. Станува збор за ненадејна потреба да се оди по (голема) нужда кога ќе се влезе во книжарници, иако може да важи и за библиотеки. Многумина се скептични околу реалното постоење на таков феномен, но тој е веќе влезен во популарната култура како урбана легенда. 

Иако името на спомнатата Марико е врзано со оваа легенда, таа е изгледа постара бидејќи во Јапонија феноменот се спомнува уште во 1950-тите, во книжевни дела а потоа и во медиумите, но тогаш се уште не станал тема на јавна дискусија. Во 1990-тите работата станала толку сериозна што почнала да циркулира и неофицијална медицинска дијагноза „книшки желудник“ (вид нервозен желудник), и покрај тоа што не постоело никакво епидемиолошко истражување или статистика која би ја потврдила. Сепак, неверојатна е деталноста на анкетите и неофицијалните анализи на оваа појава, која наводно погодува 1 на 10 луѓе, доминира кај жените и помеѓу оние од 20-30 години, може да се пренесе помеѓу членови на исто семејство (и вујкото на Марико имал вакви симптоми) и, доста битно, не прави разлика помеѓу жанрот на книгите кои го предизвикуваат, дали станува збор за учебник по програмирање, поезија или манга. 

Сугерирани се неколку теории кои имаат некаква логика. Прво, дека ова им се случува на луѓе кои се генерално анксиозни во јавност, особено ако треба да се задржат подолго на место каде има гужва (а во книжарница, а особено во библиотека, обично се останува подолго и обично има други луѓе). Второ, дека мирисот на печатарска боја може да има лаксативен ефект. Трето, дека голем број од оние што го чувствуваат кога се дома читаат на ВЦ шоља па од таму и условниот рефлекс. 

Нам ова сепак ни „мириса“ на добар виц кој можеби промашува една, медицинска поента, но погодува многу други кои ја потврдуваат врската помеѓу главата и стомакот, духовноста и какањето. 

3 октомври 2022 - 08:10