Џабе ја хејтавме Јоко

Приказната што со децении се шири за втората жена на Ленон беше дека таа е главната причина што Битлси се распадналe и дека е генерално една таква, никаква, агресивна како и нејзиното пеење. Новиот документарец на Питер Џексон покажува сосема поинаква слика.

Јоко Оно ја има во речиси сите кадри од Get Back, осумчасовниот документарец на Дизни+ за правењето на албумот Let It Be. Кога Ленон седнува на пијаното, Оно е таму, со главата до неговото рамо. Кога групата влегува во снимателската кабина, пак е збутана меѓу Ленон и Ринго, без збор обидувајќи се да му понуди мастика за џвакање на својот сакан, туркајќи му ја под прсти. Кога ја свират Don't Let Me Down, Оно си чита весник. Кога Мекартни почнува да ја свири I've Got a Feeling, таа плете нешто бушаво во скут. 

Нејзината омниприсутност во филмот е бизарна, на моменти дури и иритира. Големиот сет само ја потенцира апсурдноста на нејзината близина до членовите на групата. Што мајка бара залепена до нив, си вели човек, иако не може да ѝ најде никаква маана. Жената просто седи и ќути. 

Многумина во филмот видоа документ кој ја апсолвира сета наводна вина на Јоко за тоа дека одговорна за распадот на Битлси. „Таа никогаш немаше мислења за нештата што ги правеа останатите“, изјавил Џексон, кој ја изработил серијата врз основа на повеќе од 60 часа снимки. „Нејзиното присуство е доброќудно, и таа воопшто не се меша“.

Оно, која е исто така продуцент на серијата, ретвитнала статија, без коментар, во која се вели дека таа само прави „секојдневни и обични нешта“ додека бендот работи. Самиот Макартни во серијата, повеќе од една година пред Битлси конечно да се распаднат, се зафркава со идејата дека тие би се скарале само затоа што „Јоко седела на појачало“.

Нејзиното присуство е опишано као нежно, тивко и ненаметливо. Многу поагресивен од неа на снимањето е Мајкл Линдзи-Хог, режисерот на оригиналниот документарец Let It Be, кој го поттикнува бендот да направи концерт во древен амфитеатар во Либија или можеби во педијатриска болница (ама под услов децата да не бидат од најболните). Во споредба со него Оно е маче. Сепак, фактот што е постојано присутна, а на ниту еден начин не придонесува кон целиот процес, го прави нејзиното однесување во најмала рака необично. 21 ден камена фаца додека Мекартни се обидува да компонира песни кои денес се антологиски е самото по себе провокативно. Жената како да учествува во маратонски перформанс.

И ова не е вон умот имајќи предвид дека таа во 1969 е веќе успешна перформанс уметница, седум години постара од Ленон, соработничка на експериментални музичари како Џон Кејџ и мајстор за појавување на места каде што не е очекувана. Во 1971 таа поставила измислена изложба на ефемерни дела во Музејот на модерна уметност во Њујорк. Во каталогот е фотографирана пред него со знак на кој пишува F, стратешки застаната за името на музејот да се чита Museum of Modern (F)art (Музеј на модерниот прдеж).

Идејата дека Оно била проклетство за бендот сега се толкува како резултат на мизогинија и расизам. „Жената-змеј“ која наводно го хипнотизирала Ленон, не сакала да биде како повеќето сопруги на рок-ѕвездите кои и кога се обидувале нешто да кажат биле поклопувани од присутните мажи. Веројатно затоа решила мудро да си молчи и да си гледа своја работа, но сепак да потсетува на своето присуство макар и со суптилни не-дејства. 

Нејзината слика е во контраст со другите партнерки на Битлси - бели згодни жени во шик облека, кои повремено се бакнуваат со своите дечковци или сопрузи, охрабрувачки климаат со главите и исчезнуваат без да се поздрават, за да не пречат. Мал исклучок е Линда Истман, тогаш девојка на Макартни, која го фотографира бендот, а во еден момент во филмот е прикажана во доста сериозен разговор со Оно, што е ретка интеракција помеѓу жените на сетот. 

Има нешта кои и не ги гледаме во филмот. Кога Оно била повредена во сообраќајка, Ленон на снимањето на „Ејби Роуд“ порачал во студиото да биде донесен кревет. Јоко си дошла, си легнала, и поканила пријатели да ја посетат. Гротескно, дрско, или просто крајно симпатично? Можеби и сето ова заедно, но не и доволно за распадот на Битлси, за што ја обвинувавме до сега.

17 декември 2021 - 16:56