„Драг Харуки" - блог на Мураками за преписки со читателите

Мураками-сан но токоро (Местото на Мураками) е сајт покренат од издавачката куќа Шинчоша, на кој авторот одговара на прашања на фановите. Меѓу другото за тоа како треба да се воспитуваат деца и какво е чувството да си роден на ист ден со Геринг.

Омилени теми на 66-годишниот писател обично се џезот, мачките и маратонското трчање. Но на неговите читатели очигледно тие им се веќе досадни, па тие на сајтот (покренат вчера, 16.1) сега главно се интересираат за неговите ставови во врска со актуелни настани, или пак за обични детали од неговиот приватен живот, кој тој сепак добро ги крие. Така, едно од првите прашања било поставено од некој 51-годишен доктор, кој замолил за „посебна покана", да мине еден ден со писателот. Одговорот на Мураками: „Има некои мали тајни во врска со мојот живот. Наместо во него, обидете се да ѕирнете во животот на некои други луѓе".

Други прашања се однесуваат на неговиот став кон говорот на омраза, нуклеарната енергија или јапонскиот национализам. Тие се ограничени на 1,200 карактери, а ќе можат да се испраќаат до 31 јануари. Мураками ги уверува посетителите на сајтот дека токму тој ги чита и одговара на прашањата и им се извинува што не може да им одговори на сите „затоа што има само едно тело".

На забелешката на една читателка дека се родени на ист датум, 12 јануари, Мураками укажува на тоа дека на истиот ден е роден и Џек Лондон, но и десната рака на Хитлер, Геринг. „Ако е за некоја утеха, откако го упасиле по војната Геринг имал најдобар резултат на некаков тест за интелигенција". Но најдобар е неговиот одговор на загрижена мајка, чиешто 11-годишно дете по цел ден игра на компјутер, и која би сакала тоа да биде „повеќе како Мураками". „Тешко е да се биде јас", вели тој, „а ако мислите тој да чита повеќе книги, подобро е тој избор да му го оставите нему".

Сајтот е само на јапонски, но има баш фин, смирувачки дизајн.

17 јануари 2015 - 11:30