Писмо во CapsLock

До Ролинг Стоунс од 640 ученици од Фиџи

Во март 1966., по завршувањето на нивната Австралиска тура, неколку членови на Ролинг Стоунс отишле на одмор на Фиџи. Таму добиле едно писмо.

Мик Џегер, Кит Ричардс и Чарли Вотс при нивното пристигнување на Фиџи, остров кој му доаѓа некаде на крајот од светот, не го доживеале вообичаениот пречек, со кубење коси и фрлање прслуци. На нивниот менаџер тоа не му се допаднало и го искритикувал локалното население, нешто во смисла „знаете ли бе вие кои се Ролинг Стоунс"? Веднаш потоа во нивниот хотел стигнало анонимно писмо од ученик во тамошното основно.

До Ролинг Стоунс,

Само сакав да знаете, дека јас и моите пријатели и речиси целото училиште, ВЕ МРАЗИМЕ. Затоа што не изгледате како мажи туку како ЖИВОТНИ, а и мирисате како нив. Исто така знаеме дека сте ВАЛКАНИ и дека СМРДИТЕ. Веројатно никогаш не се бањате што е типично за англиски свињи како вас. Се надевам дека со брзање ќе си одите од чистото Фиџи, затоа што не ве сакаме тука, вие СВИЊИ. Ве МРАЗИМЕ МРАЗИМЕ МРАЗИМЕ. Зборувам во име на 640 деца кои сите ве МРАЗАТ. Затоа одете си и одберете си некаква кочина во предградијата на смрдлива Англија и истерајте си го вашиот МИЗЕРЕН одмор таму. Вашиот глуп менаџер беше вознемирен зошто никој не ве пречекал, затоа што ВЕ МРАЗИМЕ. На вашиот менаџер му треба СТАП. Ако се осмелите да стапнете во Сува (главниот град), јас и моите пријатели ќе им кажеме на МАЖИТЕ од Фиџи (Сува) да дојдат и ДА ВЕ ПЛУКНАТ, и да ОДАТ ВО ВЦ врз вас. За тоа само вредите. Затоа, направете како што ви реков, и ОДЕТЕ СИ, ВЕ МРАЗИМЕ.

* писмото и изложено во Рокенрол халата на славните

2 октомври 2012 - 09:17