Како да ја разбиеш креативната блокада?

Ден Браун - Лилјакот

Откако објавивме дека преведувачите на новиот роман на Браун морале да бидат во бункер додека го преведувале на 11 јазици, сега наидовме на уште поинтересна информација. Како славниот писател ја разбива сопствената авторска блокада.

Ден Браун за Сандеј Тајмс ја открил неговата необична тактика за добивање инспирација. Кога ќе почувствува дека пишувањето некако не му оди, тој се подвргнува на таканаречена „инверзиска терапија", или со наши зборови, виси со главата надолу!

Секако ова не е баш така едноставно без употреба на посебна опрема - таканаречени „гравитациски чизми" и цела конструкција на која тие се закачуваат. Поентата според експертите е дека ваквата поза на лилјак може да ја подобри концентрацијата и помнењето заради зголемениот проток на крв во мозокот.

Иако никој не објави фотографија на Браун во ваква поза, па можеме да сметаме дека ова е само рекламен трик поврзан со кампањата околу неговата книга која излезе во вторникот, излегува дека ова и не е така необичен вид терапија, но не толку за добивање инспирација, туку за одмарање на р'бетот (прилично корисно и за оние како нас што висат, ама на компјутер по цел ден). Притоа не мора да се биде целосно свртен на глава (што може да биде многу опасно во случај на висок притисок, глауком или бременост), туку може да се биде и под одреден агол. Сепак, не ви препорачуваме ова да го правите сами дома, особено имајќи го предвид насловот на романот кој бил напишан под дејство на оваа „терапија".

Еве како новинарот на британскиот Телеграф го испробува методот:

16 мај 2013 - 15:16