Дали оригиналната инспирација за Џејмс Бонд бил Евреин по име Шломо?

До сега доминантна теорија беше дека Бонд, Џејмс Бонд, е всушност Попов, Душан Попов, двоен агент од Кралството Југославија, кому му е посветен романот „Есторил“ на Дејан Тиаго Станковиќ. Но бидејќи со тајните агенти многу работи се тајни, можно е Флеминг да имал барем уште една инспирација.

Нова книга во издание на Јеил Универзити Прес е посветена на Сидни Рајли, роден како Шломо Розенблум во Одеса, Херсон или во во некој друг град во Украина, во 1872 или во 1874. Сета оваа географска и хронолошка неодреденост станува уште поголема ако се земaт предвид неговите лаги за сопственото потекло, од тоа дека е Ирец, Британец, до неодреденото „христијанин“. Се смета дека шпионирал за најмалку четири големи сили, а бил вклучен во разузнавачки акативности во 1890-тите помеѓу руските емигранти во Лондон, во Манџурија непосредно пред Руско-јапонската војна (1904-5) и во неуспешниот пуч од 1918 против болшевичката влада на Ленин во Москва. 

Тема на голем број книги и ТВ серии во текот на 1980-тите, тој останува речиси фиктивен, иако романтизиран лик среде маглините на драматичните времиња во коишто живеел.

Авторот на „Сидни Рајли: мајстор шпион“, Бени Морис, еден од водечките израелски историчари, во ова ново издание се обидува да го разоткрие вистинскиот Рајли еден век по неговото убиство. Станува збор за човек кој постојано живеел во сенка, не подлегнувал на авторитетот на оние за коишто работел, зборувал голем број јазици и имал брилијантни способности за измама.

За да ги затскрие своите вистински активности, тој во Лондон се придружил на Кралскиот институт за хемија и отворил своја компанија која им продавала тибетански лекови на наивните. Постојано одел на забави и бил опкружен со жени - се женел три или четири пати, често во исто време. Освен како шпион се занимавал и со бизнис со оружје во текот на Првата светска војна. Во 1917, токму во времето на револуциите на ова тло, тој влегол во Русија и бил дел од британска воена мисија во Архангелск. Облечен во британска униформа, одржувал добри односи со болшевиците, истовремено обидувајќи се да ја задржи Русија во војната против царска Германија. 

Вклучен во завера за падот на новиот режим на Ленин и Троцки, тој се надевал дека латвијските сили ќе го уапсат советското раководство на Серускиот конгрес на Советите во театарот Бољшој. Но како и голем број други акции во текот на следната деценија, и ова се покажало како неуспешно. По неуспешниот обид за атентат на Ленин oд страна на Фани (Дора) Каплан, почнал „црвениот терор“, Британската амбасада била обиена а голем дел од мрежата на Рајли во Москва била уништена. Тој успеал да избега во Лондон, но бил осуден на смрт во отсуство.   

Наскоро успеал да се врати во Русија и почнал да испраќа извештаи до британското разузнавање за граѓанската војна помеѓу црвените и белите. Неколку пати известувал за огромниот глад и ѕверствата кои се вршеле во име на идеологијата. Десетици илјади Евреи биле убиени, главно од „белите“. Но освен сувото известување, Рајли изгледал индиферентен кон ваквото страдање. 

Сепак, не дека бил сосема рамнодушен кон она што го набљудувал. Имал свој „пулен“ помеѓу револуционерите, Борис Савинков, чија наполеонска фигура го убедила Рајли дека тој е човекот кој би можел да ја води нова Русија. Но овој го зезнал - се вратил во Русија, бил уапсен и приморан да се заколне на лојалност кон болшевиците, доколку сака да му биде поштеден животот. И покрај тоа што прифатил, бил најден неколку недели подоцна, наводно „скокнат“ од прозорецот на затворот. 

Рајли, вознемирен од капитулацијата на Савинков, загубил самоконтрола и ја повторил истата грешка. Кога бил уапсен од болшевиците се претставил како „Англичанец и христијанин“, но овие точно знаеле со кого си имаат работа. Најден е со куршум во тилот неколку недели подоцна. Нему му е посветена британска ТВ серија под наслов Reilly, Ace of Spies (Рајли, асот на шпионите), а сега и оваа нова биографија. 

8 мај 2023 - 09:18