Дали модерната уметност била психолошка операција на ЦИА?

Свесни сме дека насловов некому може ќе му звучи помпезно. Но, стрпливо.

Во средината на 20 век, модерната уметност и дизајн биле симбол на либерализам, индивидуализам и креативен ризик кои се можни само во слободно општество. Модернизмот всушност станал оружје на студената војна, бидејќи тој претставувал добар контрапункт на нацизмот, а потоа и на советската опресија. И американскиот Стејт департмент и ЦИА поддржувале изложби на тогаш нова американска уметност низ светот.

Томас В. Брејден, кој бил извршен секретар на Музејот на современа уметност (МоМА) од 1948-1949, по напуштањето на оваа функција преминал во ЦИА како главен за надзор на културните активности. Во едно свое интервју од 1967 изјавил дека американската уметност има направено повеќе за САД отколку Ајзенхауер со стотици говори.

И тоа е веројатно точно. Врската помеѓу модерната уметност и американската дипломатија почнала во текот на Втората светска војна, кога МоМА бил „мобилизиран“ како дел од воените дејства. Основан е во 1929 од Еби Олдрих Рокфелер, кој една деценија подоцна  бил наследен од неговиот син Нелсон како претседател на музејот. Во 1940, додека сè уште бил на оваа функција, Рокфелер бил назначен и за координатор за интер-американски прашања во администрацијата на Рузвелт. Истовремено бил заменик државен секретар за Латинска Америка.

МоМА имал потпишано дури 38 договори со владата за „културни материјали“ во текот на Втората светска војна, и организирал 19 изложби на современи американски сликари низ Латинска Америка.

Џон Хеј Витни, подоцнежен претседател на МоМА и член на семејството Витни, основачи на Музејот на американска уметност, изјавил дека уметноста во тоа време била сметана за линија на национална одбрана, затоа што можела да „инспирира, образува и да ги зајакнува срцата и волјата на слободните луѓе“. Една од целите на овој потфат била промоцијата на пан-американизмот - културно обединување на Северна и Јужна Америка, но и внатре континентите.

Во време на студената војна, СССР преку својата пропаганда тврдела дека САД се „културно јалова“ капиталистичка пустина. На ова Стејт департментот во 1946 одговорил со трошење 49,000 долари за откуп на 79 слики директно од американски модерни уметници, и организирање изложба наречена „Напредна американска уметност“. Тоа било патувачки караван, кој шетал низ Европа и Латинска Америка.

Сепак, и покрај позитивните критики од Париз до Порт о Пранс, изложбата застанала на кратко во Чехословачка во 1947, заради незадоволството на самите Американци. Look Magazine насловило статија со „Вашите пари ги имаат купено овие слики“, поставувајќи прашање за тоа дали парите на даночните обврзници треба да служат за купување вакви „збунувачки уметнички дела“, или за нешто покорисно. Некои политичари реагирале во истата смисла. Кога Хари Труман ја видел сликата на Јасуо Кунијоши, „Девојка во циркус како се одмара“ (слика горе), вклучена во спомнатата изложба, наводно рекол - „Ако е ова уметност, јас сум Хотентот“. Републиканците во Конгресот биле загрижени дека некои од поддржаните уметници негувале симпатии кон комунизмот. Така, изложбата релативно брзо се вратила дома.

Во текст на оваа тема на JSTOR Daily се изнесуваат уште куп детали за поврзаноста помеѓу уметноста, тогашните функционери и идеолошкото влијание кое Америка сакала да го наметне врз остатокот од светот. Во изјава по повод 25 години од основањето на МоМА во 1954, Двајт Ајзенхауер ја нарекол модерната уметност „столб на слободата“:

„Сè додека нашите уметници слободно создаваат, искрено и по свое убедување, ќе има здрава контроверза и прогрес во уметноста. Колку е поинаку во една тиранија. Кога уметниците се робови и алатки на државата; кога уметниците стануваат главни пропагандисти на некоја кауза, напредокот тогаш е сопрен, а генијалноста и креативноста се уништени.“

ЦИА не само што помогнала во финансирање на меѓународните изложби на МоМА, туку создавала и културни агенции низ Европа. Во 1950 била формирана агенција наречена Конгрес за културна слобода, која работела 17 години, а во својот зенит имала канцеларии во 35 земји, објавувала над дваесет престижни списанија, била сопственик на медиуми и организирала меѓународни конференции. Централата не случајно се наоѓала во францускиот главен град, кој бил сметан и за главен град на европскиот културен живот.

16 јуни 2020 - 15:31