Дали интервјуто сè уште може да биде уметност?

Разговорот на Опра со војводата и војвотката од Сасекс денес е главна тема во светските медиуми. Интервјуто се анализира од сите можни аспекти, а славни станаа дури и столиците од ратан на кои седеа гостите. Но ова сепак е далеку од оние ТВ интервјуа кои менуваат траекторија на настани или обезбедуваат цитати кои со години подоцна влегуваат во популарната култура. Такви, иако се ретки, сепак имало.

Со децении телевизиското интервју претставувало уметничка форма самото по себе. Тоа ја замаглувало тенката граница помеѓу вестите и забавата, но знаело да има и далекусежни последици по домашната и светската политика.

Најчесто наведувани во таа смисла се интервјуто на Дејвид Фрост од 1977 со Ричард Никсон, во пост-Вотергејт периодот, или она на Мартин Башир со принцезата Дијана од 1995. На листата на најгледани и највлијателни (што не значи и најквалитетни од новинарска гледна точка) се и оние на Мајкл Џексон со Опра, на Моника Левински со Барбара Волтерс, и на порно актерката Сторми Даниелс со Андерсон Купер, во контекст на нејзина врска со Трамп од 2006.

Новинарските стратегии применети во овие денес славни интервјуа, се различни. Башир, на пример, е ненаметлив и ѝ ја отстапува на Дијана целата сцена, без да ѝ стои на патот. Фрост пак бил вооружан со факти и ги користел за бавно но сигурно да го притиска Никсон во врска со легалните и моралните проблеми на неговото однесување. Суштината на овие разговори се има прелеано и во популарната култура - Питер Морган вербалниот спаринг од интервјуто помеѓу Фрост и Никсон го претворил во драма од 2006, а потоа и во филм од 2008 со Франк Ленгела и Мајкл Шин во главните улоги.

Моменталните наслови го опишуваат интервјуто со принцот и неговата сопруга како „историско“, а коментаторите главно го фалат пристапот на Опра, која е прилично прецизна но истовремено и човечна. Сепак, прашање е дали денес, кога славните личности во градењето на својот имиџ многу повеќе се потпираат на социјалните мрежи и на самопромоцијата, е можно интервјуто се уште да биде високо вреднуван занаетски производ. Интервју кое истовремено е разоткривачко, информативно, можеби и забавно, а има и големи последици (добри или лоши) по самиот соговорник.

10 март 2021 - 18:18