Дали е време и рамките да ги третираме како уметничко дело?

Дури и нај-нај слика може да изгледа грдо ставена во несоодветна рамка. И не е само до убавината или грдоста, рамката знае да додаде значење и да претставува интегрален дел од целината. Па сепак, често нејзината улога се сведува на обичен „држач“ на сликата.

Мартин Котлер е конзерватор и изработувач на рамки во Американскиот музеј на уметноста Смитсонијан. Во текот на својот работен век тој постојано се обидува да најде „благословена рамнотежа“ помеѓу секоја слика и нејзината околина. Притоа си дозволува интервенции на рамката кои би се вклопиле во „логиката“ и стилот на сликата, како на оваа на Џон Марин од 1934, под име „Едрилица, Бруклински мост и хоризонтот на Њујорк“ (слика горе). На црна основа тој нанел сребрени линии, кои симболизираат молњевито минување на коли.

Но тој е редок пример на некој кој ги цени рамките и нивното влијание врз доживување на делото. Ретки се и музеите кои имаат посебни работни места за луѓе како него, и кои каталогизираат и складираат рамки. Повеќето ги сметаат за нешто заменливо и нетрајно. Истовремено, од историјата се губат имиња на голем број славни занаетчии чија специјалност биле рамките. Во учебниците сликите се најчесто прикажани без рамка, а галериските водичи речиси никогаш не го дискутираат начинот на кој е врамена некоја (макар и славна) слика.

Рамките се во основа утилитарни предмети - тие постојат за да ја заштитат уметноста од грубо ракување, близина на луѓето и фактори на околината. Но тие истовремено го насочуваат погледот на гледачот. Котлер ги споредува со мајка која го држи своето дете, но сепак вели дека некои рамки самите по себе се уметнички дела, дури и ако не врамуваат ништо.

Има случаи кога самите уметници си ги врамувале сликите со што тие стануваат органски дел од целината. Други се нарачки направени од мајстори на занаетот, како архитекти, дрворезбачи, столари. Секако, постојат и рамки за широка употреба, кои се направени толку неутрално што одговараат на речиси секоја слика. Кај некои модерни уметници се јавил отпор кон ваквото „комодифицирање“, па тие почнале да ги одбегнуваат целосно рамките, и оние евтините, но и оние кои асоцираат на некаков историски стил (како оние барокните рамки на Вилеровите гоблени). Сликарката Џорџа О’Киф, на пример, сакала гледачите да се концентрираат на формите, линиите и боите без да имаат рамка во видното поле, или доколку таа постои да не го одзема вниманието. Таа работела со њујоршки занаетчија за да развие осум специфични рамки кои според неа биле соодветни за нејзините слики.

Денес, повеќето музеи се трудат своите колекции да ги стават во рамки кои одговараат на периодот во кој биле создадени делата и да се соодветни на визијата на уметникот. Ова воопшто не е едноставно, бидејќи бара истражување и на историскиот контекст, и на односот кон рамките воопшто на конкретниот сликар. 

извор

30 јуни 2020 - 09:38