Букбокс читанка

„ЖИВОТОТ Е КАКО ОКРУГЛА ТОПКА“ од Владимир Димитријевиќ

Пред некое време, знаејќи дека се приближува Европското првенство, го замолив татко ми да ми ја купи од Белград збирката есеи „Филозофот игра фудбал" од хрватскиот филозоф Виктор Жмегач. Во неа авторот преку ликот и делото на Кант зборува за пореметените вредности во фудбалот, кој од непрагматична, сама на себе доволна, станува скапа, и во етичка и естетска смисла „неубава" игра, сосема различна од изворната идеја за она што би требало да биде спортот - алатка за челичење на телото, и на духот.

Татко ми, со благо нарушено памтење и без своите наочари, од Белград се врати со сосема друга книга - „Животот е како округла топка" од Владимир Димитријевиќ. „Па исто се есеи", се обиде да ме утеши.

И навистина, книгата излезе дека воопшто не е лоша, и дека иако нема филозофски амбиции и никаде не го спомнува Кант, сепак ја промовира истата теза како и на Жмегач. Авторот, роден 1934., како момче во Белград играл фудбал и му предвидувале блескава кариера. Сепак, заради повреда, но и заради политичките околности по Втората светска војна во кои неговото семејство паднало во немилост заради српскиот национализам, тој на 20 години заминува најпрвин во Милано а потоа во Цирих. Постојаните притисоци дека заради тоа што нема работна дозвола властите ќе го депортираат или назад во Југославија, или на некој далечен континент, направило Димитријевиќ да посегне по сите средства, па дури и по подзаборавениот фудбалски талент - токму тој му ја обезбедил работната дозвола и можноста да остане во Швајцарија.

Со оглед на уште една негова голема љубов – книжевноста и преведувањето - таму отворил издавачка куќа, L'âge d'hommes, која се специјализирала за промоција на српска литература во француските говорни подрачја (секоја година објавувала по 110 наслова). Седиштето всушност ѝ било во Париз, но книжарници имала во Лозана, Брисел, Београд и Москва. По започнувањето на војната во Југославија, етикетиран како српски националист, а според него и како дел од кампањата на генерална сатанизација на Србија, на запад тој и неговите изданија доживеале голем бојкот. Бил обвинуван за културен геноцид, а повеќе од илјада наслови од неговата издавачка куќа биле тргнати од книжарниците.

Неговата книга „Животот е округла топка", објавена 1999 на француски, е посветена на соиграчот на Димитријевиќ од младоста, Дарко Гилер, и содржи кратки есеи за природата на фудбалот, спомените од детството и младоста, присеќавања на ѕвездите на некогашниот југословенски спорт. Исто како и Гилер, и Димитријевиќ несреќно го завршува животот, во сообраќајна несреќа, пред точно една година, на пат од Швајцарија кон Париз. Еве еден од есеите во книгата, кој зборува за благородноста на нозете, чии доблести сега се опишуваат само низ милиони евра и долари. Споменатите имиња не ми се баш познати, ама едно е јасно – фудбалот изгледа веќе не е она што бил.

АРИСТОКРАТИЈАТА И БЛАГОРОДНОСТА НА НОЗЕТЕ

Не се мисли на своите нозе, како што не се мисли за своето срце. Ногата стои во праисторијата или, подобро кажано, во времето кога сите екстремитети и органи чинеле целина. Бебето својата грицкалка или шишенце ја држи и со раце, и со нозе, и во уста. Во бебешкото ритање со нозе постои никулец на елегантен удар како оној на Еузебио. Неговите екстремитети сè уште не се специјализирани. Дури ни мозокот не ја тероризира главата како што тоа подоцна ќе го прави, особено кај интелектуалците. Би рекол дека само срцето останува до крај верно. Верен следбеник, како добар занаетчија заљубен во својата работа – животот.

На тој начин, значи, фудбалот повторно го облагородува тој дел од телото кој бил заборавен, атрофиран или просто, осуден на само една функција, да се оди, или да се оди брзо, односно да се трча. Мозокот е тој кој ги одредува задолженијата и кој ги сакати нашите екстремитети и органи. Според него секогаш се може повеќе, па кога ќе почувствува дека телото венее, веднаш го бара својот џогинг. Можеме да му се покориме, но во никој случај не треба да тргнеме во прошетка со тој диктатор. За денешниот фудбал, како и за толку други области, тоа е предупредување: оној кој е „профи", кој е во функција, го убива аматерот, кој е напросто заљубен.

Во фудбалот се бара умешност и совршенство од дел од телото кој обично останува на страна, во темнина. Може да ми се приговори дека балетот и играта ги користат нозете подеднакво како и фудбалот. Да, со таа разлика што целокупното усовршување неминовно се калеми на естетичкиот канон. Тука дури и грдото е стилизирано. Балетот е пристоен, многу аристократски, симбол на добриот вкус. Елем, добриот вкус е совршена конвенција.

Фудбалот не е аристократија туку благородност. Постои во него еднаквост која би ја опишал како христијанска. Објаснувам: не псотои модел на идеален играч. Сите исклучителни играчи од првидната мана прават врвен квалитет. Едни имаат вркстени нозе, други се движат како панди, но одеднаш, кога ќе ја фатат топката, сè околу нив станува флуид. Да се сетиме само на шегите чија инспирација беа извесни албастроси.

Може ли оној кој изгледа како да трча со невидлив обрач меѓу колениците воопшто да шпарта по терен? А чуда сепак се случуваат. Ги забораваме – дури и ни е срам што сме помислиле на нив – ќелавоста, кривите нозе или малите и слабички тела. Се сеќавам на Боровиќ, лево крило, кој беше помал отколку ние кои тогаш имавме по 12 години. Комарец со избрчкано и влакнесто лице. Играше за клубот на Военото воздухопловство Наша крила. Можете да замислите какви досетки имаше младината, често сурова, на негова сметка. А Осим со иксериците, а Шекуларац со оксериците, а пак незаборавниот Гаринча кој кривеше! Почнувавме да се смееме кога екипите излегуваа на терен, но веќе не ни беше до смеење кога тој истиот кој куца ни го бушеше нашиот тим со својата левица, која се опушташе со моќ на опруга на некој огромен часовник. Сите тие од сопствените телесни мани извлекуваа единствени движења, изненадувајќи ги така противниците со своите дриблинзи, со своето водење на топката. Некогаш се чудеа на бројот на чевлите на Нецер: изгледаше како да оди по рекети за снег! Број 48, некои велеа дури 52 или 54. На фантазијата ѝ нема крај. Но нема ни такви милиметарски прецизни додавања од 40 или 50 метри какви што имаше кај стариот Гинтер.

А што се однесува до Марадона, можеби најчудовишниот играч на сите времиња, неговиот изгледа би бил сосема несоодветен ако би бил мерен со политички исправните канони и мерки за идеален играч.

Најдобар пример за мене е Герд Милер. Кога добро го набљудуваме, сфаќаме дека тој очигледно не знае да ја умртви топката. Делува сплеткано, а токму тоа и го изненадува противникот. Движењата му се испрекинати, од време на време некој неправилен потез го прекинува текот на играта па изгледа или дека ќе падне или дека ќе ја загуби топката. Противникот не успева да го задржи, му недостасува некој сантиметар поголема копачка, и знаеме што следи...

Гледав филм за Немецовите најуспешни потези. Го викале Бомбер, бомбардер. Само што кај него немало ништо бомбардерско. Експлозии имало, но на трибините и на семафорот: неговите голови никогаш не биле чисти, туку изгледале како плод на случајност. Еден играч паќа, некој му попречува на голманот, сите мислат дека ќе удри со нога, а тој удира со глава. Вториот гол против Холандија во финалето на Светското првенство е вистински пример за гол, од една страна сосема логичен – според Герд Милер – а од друга сосема блесав. Наместо со сета сила да удри среде топката која се тркала кон него, тој ја прифаќа (веројатно лошо) и потоа, како со лажичка, ја спушта во небранетиот дел помеѓу голманот и стативата. Брз, незгоден и смел играч.

29 јуни 2012 - 00:00