Букбокс читанка

„ВОДНИОТ КОЊ“ од Дик Кинг-Смит

Парадоксално е: во период во кој најпопуларни филмски адаптации се оние базирани врз детска литература, или барем врз жанрови кои стереотипно се сметаат за детски (фантазија, авантура), квалитетни преводни детски книги, барем на македонски, има многу малку.

Нека ме демантира некој кој има деца во основно, ама според она што го гледам на рафтовите во книжарниците меѓу периодот на боенките и сликовниците, па до првите посериозни, средношколски потраги по книжевна и животна смисла, има голем јаз. Времето како да застанало некаде кај Хајди и Том Соер, а детски книги кои би биле современи и препознатливи за новите генерации, а истовремено добри како литература, речиси да нема. Токму затоа сакавме да ја одбележиме работата на една од ретките издавачки куќи во Македонија која специјализира токму во овој жанр, со издание кое е наменето главно за деца од второ до петто одделение, во кое (за среќа) нема анорексични тинејџерки зависни од шопинг, или деца кои со притискање на некакво копче се претвораат во крвожедни монструми.

„Водниот коњ" на Дик Кинг-Смит е приказна за едно девојче од Шкотска, Кирсти, и нејзиниот брат Ангус, кои после една бура на морскиот брег наоѓаат мистериозно јајце, од кое набргу, благодарение на нивната грижа, се „испилува" добродушно чудовиште кое тие го нарекуваат Крусо. Во еден момент тоа станува толку големо што единственото место каде може да живее е езерото Лох Нес. Иако тажни заради разделбата, Кирсти, Ангус, нивниот татко и дедо, со тешка логистика успеваат да го донесат чудовиштето до езерото, претходно дресирајќи го да избегнува да им се појавува на непознати за да не си настрада.

Кинг-Смит практично раскажува една можна верзија на потеклото на чудовиштето од Лох Нес, познато од урбаната шкотска легенда од 1933, чиешто постоење од тогаш се обидуваат да го констатираат бројни истражувачи и трагачи по возбуди. Нешто помеѓу змеј и предисториско суштество - плезиросаурус - во оваа книга тоа е претставено како добродушно и послушно водено коњче чија единствена маана е големиот апетит по школки, лигњи и ракчиња. Природата и фантазијата се мешаат, но не се исклучуваат. Најважно во оваа книга е што овие два света комуницираат, преку детската подготвеност да ја прифатат нивната подеднаква чудесност.

21 февруари 2010 - 00:00