Букбокс читанка

„СЛОБОДА“ од Џонатан Франзен

Оние кои редовно, или барем чат-пат ги следат новостите во книжевниот свет, последниве два месеца не можеа глава да кренат од Франзен. Неговиот нов роман „Слобода" (по „Корекции" кој се појави 2001, истата недела кога се случи 9/11, и беше номиниран за Пулицер), беше хиперболично прогласен за „книга на векот" уште пред да стигне до книжарниците.

Обама со време си побара копија и си ја читкаше за викенд, опишувајќи ја како „прекрасна". Опра престана да му се лути на „снобот" кој одби да биде застапен во нејзиниот книжевен клуб со претходната книга, затоа што не му се допаѓало друштвото на патетични и едно-димензионални автори и, овој пат на взаемно задоволство, го промовираше. Во Британија пукна брука откако, по вина на издавачот, книгата за овој пазар се појави со стотици типографски грешки. Харпер Колинс мораше да отвори хот-лајн за оштетените читатели, а вработен во сервисот ја опишал ситуацијата како „прилично тензична" - биле повлечени 80,000 копии (можно ли е?), од кои осум илјади веќе продадени! За да биде уште полошо, на лондонската промоција на авторот му беа украдени наочарите, и тоа буквално од носот, по што за нив бил побаран откуп од 100,000 долари.

Каква врска имаат сите овие приказни со книгата? Никаква. Но расположението околу некаков производ, макар тој бил и книга, се билда на различни начини, па и со вакви тривија, кои кај софистицираните „љубители на пишаниот збор" може да предизвикаат и сосема спротивен ефект – тие да бидат попишманети, а не поттикнати. За мене одлучувачки беше севдахот во кој паднаа критичарите. Еден од вообичаено построгите, споредувајќи го Франзен со сите големи писатели на кои можеше да се сети (Дикенс, Сол Белоу, Толстој), сè уште цедејќи го шамивчето, раскажуваше како кога завршил со читањето „липал како мало дете". Епа, штом е љубовно и жално – давајте!

Ако можам да понудам некаков аргумент во корист на книгава, тој е следниов - таа има 560 страници ситен фонт, со тврди корици е (значи е тешка за лежерно читање во кревет), но тоа не ме спречи да ја прочитам за три дена. Ретко догледувам филм кој од прва нема да ме „купи", или дочитувам книга која не ми се допаѓа - бројот на здодевни сцени и страници веднаш го претворам во загубени животни саати. Можеби е нешто до воспитувањето, тоа што моите не ме силеле да го дојадам она зеленото во тањирот, за кое велат дека е здраво. Но да се „проголта" Франзен не само што не е тешко, туку е и пријатно. Нема да паднете во несвест, а веројатно нема да ви биде потребна ни палома. Па сепак, освен што ќе бидете горди на вашата неопадната читачка кондиција, за која сте мислеле дека одамна се свела на „дијагоналното" читање на монитор, книгава ќе ви дојде и како некаква утеха - дека добриот, стар, таканаречен „модернистички" роман, не е мртов.

Непретенциозна, без експерименти, прилично линеарна, наречена дури и „соц-реалистичка", книгата е на моменти цинична, но топла приказна за семејство од средниот американски запад. Финансиски стабилни, левичарски настроени, родители на две добри деца, Пети и Волтер Берглунд сепак не се задоволни. Следејќи го нивниот живот од 1970-тите до 2004 (сè уште времето на Буш), Франзен всушност ги анализира корените на незадоволството на нацијата, клукана со идејата за слобода, со која никој всушност не знае што да прави. Хиерархиски високо поставувана, слободата е често контрадикторна со другите општествени вредности. Како да се одржи моногамниот брак, редовно да се крати живата ограда и да се мете тремот, а истовремено човек да не се чувствува „заробен" во рутината? Како да се реагира кога вашите деца, одгледани така да бидат еманципирани и слободни, одеднаш ќе ја употребат таа иста слобода за да ви го свртат грбот? Откако еднаш ќе ја извојувате, како да уживате во добиената слобода без чувство на вина? Во потрага по одговорите патиштата на Берглундови драматично се разделуваат, за на крајот од книгата повторно да се спојат - не случајно, туку по слободен избор.

„Слобода" е 19-вековна нарација раскажана среде политичките, социјалните и вистинските војни на 21-иот век. Пишувана е девет години, во услови кои се опишани како „аскетски" – лаптопот на Франзен бил намерно неприклучен на Интернет. Не мора многу да размислувате со кого да го споредувате, бидејќи авторот самиот ви дава прецизни назнаки. Пети Берглунд долго време минува читајќи ја „Војна и мир", на тој начин неизбежно поврзувајќи се со меланхоличната Наташа Ростова од истоимениот роман на рускиот класик. „Пети и другите ликови во романот не решаваат мистерии и немаат натприродни моќи. Но тие како да сакаат да ни кажат - запомнете, постои нешто што се вика сериозна литература, и тоа е важна работа", вели критичарот на Гардијан, иронично асоцирајќи на современите книжевни парадигми - Ден Браун и Хари Потер. Општествениот и културен контекст во кој се одвива приказната е веројатно поинтересна за еден Американец отколку за нас. Па сепак, дури и да не ве засегаат социјалните пораки на книгата, нарацијата ќе ве заведе. Да се надеваме дека наскоро ќе биде (добро) преведена и на македонски.

22 октомври 2010 - 00:00