Букбокс читанка: „Старите кина“ од Илинденка Петрушева

Ако, како што вели Педро Калдерон де ла Барка, животот е навистина сон, тогаш тој - животосонот - во својот најраскошен облик, како ужасен кошмар или како најнежна љубовна приказна, се одвива во мракот на кино салите. Таа изолираност од она надвор и втопеност во она внатре може да се доживее и во најскромното селско кино со клупи наместо седишта, и во оние со најсовремени технолошки перформанси. Оваа книга е за тоа како при крајот на 19 век филмот пристигнал во Македонија, како бизнис, забава и како начин да се мечтае.

Ретко се случува во македонската историографија во еден автор да се спојат три карактеристики: трудољубовоста, одговорноста кон она што се истражува и талентот за раскажување. Можеби токму последново најмногу плени во новата книга на филмологот Илинденка Петрушева, која доследна на пристапот и во претходните свои книги, не нуди само суви факти - години, имиња и места - туку се обидува да го долови, буквално како на филм, сетилното доживување на тоа да се биде присутен на кино проекција во време кога гледањето подвижни слики поттикнувало таква емоционална реакција каква што денес не може да предизвика ниту една VR машина или компјутерска графика. 

Датумот е 9 јуни 1921. Скопје се дави во прав на 32 степени затоа што општината престанала да ги прска улиците. Но ноќите се пријатни и исполнети со џагор и музика од хотелите и локалите. Еден таков, хотел „Балкан“, се рекламира со тоа дека располага со „чисти соби без болви“. Таму се точи најубаво ’бајлоново пиво’, за малку пари може да се консумираат домашни јадења, и најважно - токму тој ден во киното во бавчата, пред скопската елита, се одржува првата кино проекција во Скопје, филмскиот хит „Дивиот бик“. Проекцијата почнува во 21 часот, а по неа следи игранка. До следниот ден, кога лентата на обичниот живот ќе биде осветлена од блескавото летно сонце и замаглена од скопската прашина. 

Петрушева го периодизира киноприкажувањето во Вардарскиот дел на Македонија на следниов начин: 1897-1912 (никулци), 1912-1918 (време на Балканските и Првата светска војна), 1918-1941 (време на Кралството СХС/Југославија), 1941-1944 (за време на окупацијата во Втората светска војна) и 1944-1954 (во првото десетлетие по Втората светска војна, односно период на конституирање на институционална национална кинематографија). Имињата и годините се редат, но она што читателот го помни, без оглед на хронологијата, се одделни „филмски сцени“. Како онаа кога Милан Голубовски и неговиот пријател-фотограф Димитри Митан од Охрид во 1907 со златници купиле проектор од Виена и почнале да одржуваат проекции со филмови набавени од Солун. Салите биле куќи на повидни скопски семејства, каде ќе го распнеле белото платно, ќе ја затемнеле просторијата со завеси и ќе ја почнеле проекцијата. Бидејќи филмовите биле неми, Милан ја раскажувал содржината. Кога гостувале кај извесен Есад-паша и ортаците љубопитно подгледнувале кон неговите жени, овој дискретно им приговорил: „Не ги гледајте нив, гледајте си ја работата“. 

Како што тече приказната, така сведочиме развој на една филмска култура која по ништо не заостанувала од онаа во околните, па дури и во другите европски земји. Филмот ги надминува социјалните разлики и него, без оглед дали среде удобноста на домот или на дрвен триножец на средсело, може да го види секој. Се развиваат и споредни дејности, како оркестарска придружба на немите филмови или одделот за „маркетинг“ - лепачи на плакати, барабанџии па дури и маскирани поворки кои со ѕвона го повикуваат гледалиштето. Се менува и медиумскиот пејзаж, весниците се полни со сензационалистички прилози за приватниот живот на филмските ѕвезди. По секоја цена треба да се има фризура како Ширли Темпл или мустаќи како Ерол Флин. Од оркестрите се бара да се свират филмските хитови - Шпато со батерија в рака, во затеменетиот простор на киното „Култура“ ја испишува музичката линија на мелодиите што ги свири оркестарот во „Бал на вода“. 

Додуша, како и со секоја новина, така и филмот долго време предизвикувал морална паника - во 1930-тите списанијата пишувале за „забошотувањето на реалноста“ преку лажниот холивудски гламур кој според нив ја расипувал младината. Но истовремено имало и такви коментатори кои застанале зад уметноста на еден Фриц Ланг или Чаплин. Преку репертоарот може да се следи и политичката историја - тој доживеал голема промена за време на Втората светска војна кога филмовите доаѓале преку застапници во Софија. Тогаш речиси исчезнале американските, англиските и делумно француските, а нив ги замениле претежно филмови од германско, италијанско, чешко и унгарско производство. Но дури и тогаш кино-прикажувачката дејност не само што била жива, туку била и препознаена како одлична пропагандна алатка на која и да е власт. 

Така, во книгата е наведен податок дека приватно-правната институција Фондација „Бугарско дело“, односно нејзиниот филмски оддел, реализирал вкупно 152 филмски журнали наречени „Кинопрегледи“ а дури во 79 од нив постојат автентични записи снимени во и за Македонија, во кои е отсликано времето и атмосферата за времето на Втората светска војна. Целта на журналите била да ги пропагира вредностите на бугарската држава и тоа под директен надзор на тогашниот премиер на Бугарија. Како што се ближел крајот на војната, односно како што германските трупи доживувале неуспеси на фронтовите, така бројот на прилозите на Фондацијата се намалува. По падот на фашизмот од 9 септември 1944 во Бугарија таа не згаснува туку се преориентира, со целосно нова идеолошка предлошка, започнува со производство на киножурнали „Татковински кинопреглед“, кога во Бугарија доаѓаат прославени советски режисери. 

Во комбинација со документарната серија „Уа шнајдери!“ на Дарко Митревски, „Старите кина“ буди чувство на гордост, дека не сме биле на крајот на светот, но дека тоа можеме наскоро да станеме - во 1955 во Македонија имало 82 кина, вo 1966 - 72, вo 1972 - 86, 1977 - 78. Просекот на број на седишта бил околу 30.000 или едно седиште на 49 жители. Каде се сите тие кина денес? 

Илина, Букбокс

Промоцијата на книгата ќе се одржи во еден од ретките домови со кино сала - МКЦ, сабота 17.12 во 19 часот. 

15 декември 2022 - 13:27