Букбокс читанка: „Осамениот бодибилдер“ од Јукико Мотоја

Kaко мала, Јукико Мотоја (1979) читала раскази од Агата Кристи, Артур Конан Дојл и хорор манги. Подоца студирала глума, го позајмувала гласот за аниме серии и формирала своја театарска трупа. Нејзиниот влез во светот на книжевноста резултирал со добивање на сите најзначајни книжевни награди во Јапонија кои ги носат имињата на нивните великани - признанијата Кензабуро Ое, Мишима и Акутагава. Читајќи ја оваа збирка раскази, сфаќаме и зошто.

„Осамениот бодибилдер“ е збирка раскази на јапонската авторка Јукико Мотоја, кои преведени на англиски излегоа во 2018. Aнглискиот наслов, The Lonesome Bodybuilder, функционира камуфлирачки одлично, бидејќи создава впечаток дека бодибилдерот е маж. Всушност, станува збор за „обична“ продавачка и сопруга која еден ден одлучува дека ќе почне да работи на зајакнувањето на сопственото тело. Тоа наскоро ќе почне да бабри и да се дуе, на чудење и благ ужас на сите наоколу. Освен на сопругот, кој воопшто не забележува дека неговата жена се претвора во Шварценегер. 

Повеќето од расказите се однесуваат на истата тема, машко-женските односи, обработени на начин кој е во најмала рака неочекуван, на моменти и крајно бизарен. Ваквиот ефект е екстремно силен бидејќи Мотоја, иако очигледно го може тоа, не се перчи со куп надреални егзибиции, туку се фокусира на САМО еден елемент кој ја прави целата разлика. На пример, во еден од расказите, сопругот на нараторката е „нормален“ средовечен маж, опседнат со својот автомобил, а единственото нешто што го прави различен од другите е што е направен од - слама.

Во „Егзотичен брак“, најдолгиот од сите раскази кој личи на кратка новела, паралелно се одвиваат две приказни - нараторката забележува дека таа и нејзиниот пасивен сопруг, чија главна занимација е гледање реални шоу програми, почнуваат буквално да се претопуваат еден во друг, менувајќи ги цртите на лицето но и своето однесување. Паралелно, нивна сосетка се обидува да се отараси од саканиот мачор, кој поради некаков невидлив стрес моча насекаде низ станот. Жените во повеќето раскази се тивко очајни што нивните партнери ги земаат здраво за готово, а нивните радикални обиди да привлечат внимание (како сиротиот мачор) подразбираат многу такт и посветеност, што може да се толкува и како чин на почит но и како бизарен обид за тестирање на границите на сопствената издржливост. Потиснатата енергија сепак експлозивно избива, како во расказот „Жените“, каде битката помеѓу половите е буквална - жените организираат дуели со своите партнери носејќи ги на обредно место, близу река, каде сурово ги убиваат. 

Сето ова може да се сфати како пародија, иронија или сарказам. Но нешто во тонот на Мотоја укажува на тоа дека таа нема намера да биде забавна или отровно цинична. Читањето на овие раскази е како возење со брз автомобил по левата страна на лентата (во Јапонија би била десна), по пат кој навидум делува пуст и безбеден. За одеднаш од другиот правец да се појави сканија која се приближува со брзина физички невозможна за вакво возило. Добро е што читајќи, и да погинеш, има шанси колку-толку да се спасиш.

Илина, Букбокс 

17 јули 2023 - 11:14