Букбокс читанка: „Изнајми човек што не прави ништо“ од Шочи Моримото

Мемоар на млад Јапонец, кој нуди необична услуга - да ве придружува при некаква активност без да прави ништо особено. За ова не бара пари, само патни трошоци, а прифаќа и оброк. Ова не го прави затоа што е бездомник или сиромашен, туку за да докаже - дека и оние кои се навидум „бескорисни“ според суровите стандарди на современото општество и тоа како можат да бидат потребни некому.

Jиносуке Кокороја е јапонски психотерапевт, кој претходно работел за логистичка компанија и како и повеќето Јапонци толку се преработувал што го загубил семејството. Чувствувајќи ги последиците на култот на „продуктивноста“ врз своја кожа, тој ја промовира идејата за „платеност за постоење“ (payment for being) - добивање извесен надомест само поради фактот што како човечко суштество постоиме на планетата, па дури и да не правиме ништо. 

Идејата му се допаѓа на Шоџи Моримото (38), кој во текот на својата кратка работна кариера е постојано опоменуван од надредените дека бадијала го дише воздухот во канцеларијата. „Не можам да разликувам дали си жив или мртов“, му вели шефот, „како да си на постојан годишен“. Моримото инаку по образование е физичар, а негова обврска долго време била рецензирање учебници за предмети од природните науки. Неговиот аргумент во корист на неправењето ништо е следен - бебето кога ќе се роди има нула продуктивност, но со љубовта и грижата на своите родители и средината, тоа преживува. „Гледајќи го мојот син, не престанував да мислам колку е ова прекрасно. Посакував секој да може да живее како што тоа го прави бебето. Тоа е слатко кога се смее и кога е луто. Слатко е без оглед на тоа дали прави нешто или не. Тоа не се труди да биде такво, само се однесува природно. Нели би било прекрасно ако светот би функционирал така, за не само јас, туку и сите, да живеат како што сакаат?“ 

Книгата „Изнајми човек што не прави ништо“ (објавена на англиски во 2023), е опис на она што му се случувало на Moримото откако дава отказ и со поддршка на сопругата отвора Твитер профил (само на јапонски) преку кој добива барања за изнајмување. Главниот услов е - никој да не бара некаква посебна активност од него, ниту пак мислење на која и да е тема. И самиот признава дека дефиницијата на „неправење ништо“ е прилично неодредена, па тој одлучува дали ќе прифати некоја задача главно интуитивно, а улога играат и оддалеченоста и искреноста на барателите, односно дали тие намерно измислуваат некакви „егзотични“ приказни само колку да бидат промовирани преку социјалните мрежи. 

Помеѓу барањата има такви кои се прилично практични, на пример тој да седи во работната просторија на дизајнерка на манга стрипови за таа да заврши одредена нарачка, која долго ја одложувала. Други барања се почудни, на пример тој да „глуми“ дека е барателот кој нема време да појде на сладолед во омилената слаткарница, и да ужива во сладоледот во негово име. Трети се од поемоционална природа - девојка која била многу приврзана кон баба ѝ се враќа од странство откако го пропуштила нејзиниот погреб, и го моли Шочи да ја чека на аеродромот за да не се чувствува осамено. Најсмешниот е следниот: „Можеби ќе имам секс денес, па може ли да ми испратиш порака во 12 и да ме потсетиш да си ги исечам ноктите?“. Всушност, голем дел од барањата се состојат токму од ова, Шочи да изигрува служба за потсетување или будење, што е необично ако се знае дека секој тоа може да го направи со аларм или потсетник на сопствениот телефон. Но луѓето имаат потреба од други луѓе, дури и кога вториве не прават ништо особено.

На моменти раскажувањето на Моримото е прилично „суво“, како нештата да ги прави автоматски и да не ги доживува многу длабоко. Но во други станува јасно дека тој и тоа како размислува за своите „муштерии“, не прифаќајќи од нив ниту оброк доколку процени дека не стојат добро финансиски или согласувајќи се да ги придружува дури и кога настанот не му е многу по ќеф, но е очигледно дека нив им значи. Им се восхитува што не се плашат непознат човек да пуштат дури и дома, и што му ги доверуваат и најинтимните тајни, за кои тој е крајно дискретен. 

Моримото нашол начин да „ужива во апсурдноста на пливањето наспроти плимата на ефикасноста“. Ние уште го бараме тоа чаре.

Илина, Букбокс

4 декември 2023 - 11:16