Британска писателка си ги запали книгите како протест против начинот на нивно рекламирање

„Апсолутно ги мразам фините домаќински реклами на позадината на моите новопечатени книги“, твитна наградуваната британска авторка Џанет Винтерсон. Под твитот е фотографија на мал куп книги во мек повез, како горат.

Џанет Винтерсон (1959) е британска писателка која стана позната со нејзината прва книга, „Портокалите не се единственото овошје“, полу-автобиографски роман за чувствителна тинејџерка која се бунтува против конвенционалните вредности. Тогаш, во 1985, таа имаше 23 години, а до денес има објавено уште десетина дела кои го истражуваат сексуалниот идентитет, како и врската меѓу луѓето и технологијата.

Неодамна таа поттикна скандал кога запали неколку нејзини книги, пишувани помеѓу 1997 и 2000, кои неодамна биле реобјавени. Иако во нив се обработуваат релативно контроверзни теми, со ликови кои се родово неодредени, и кои се обидуваат да си играат со концептите на времето и просторот, ништо од ова не било вклучено во тн. „блурбс“ - кратките рекламни текстови кои обично се ставаат на задната корица. Напротив, тие звучат прилично „коељовски“: „Можете да бидете херој на сопствениот живот. Да сте слободни барем една ноќ. Но за тоа ќе платите цена“.

Некои го нарекоа потегот обид за привлекување внимание, други веднаш ги направија паралелите со нацизмот, и дека никакво горење книги - па ни на сопствените - не може да се оправда. Инаку Винтерсон и до сега беше позната по краткиот фитил во однос на издавачите и критичарите. Кога во 1994 новинарка објавила благо критичен осврт во „Обсервер“, Винтерсон ѝ дошла на врата и ѝ се дерела.

Издавачот Пингуин, пак, по остриот коментар на авторката, решил да ја исправи работата - ќе издаде нови книги, овој пат можеби без никакви рекламни текстови на нив.

6 јуни 2021 - 20:42