Библиотеки, ама за алати

Како форма на штедење и намалување на отпадот, библиотеките за алати им овозможуваат на членовите да позајмат косилка, тример, пила и други алатки , но и да добијат совети и специјализирани курсеви. За позајмениот алат не се наплаќа, освен годишна членарина.

Првата „библиотека“ за позајмување алати е од дамнешната 1943, кога била отворена во Мичиген, САД. Денес една од најактивните е онаа во Торонто, која се раководи според мото на поддржување „кружна економија“ преку споделување ресурси. 

Идејата зад ваквите библиотеки за алати е дека луѓето често користат нешто само еднаш или неколку пати годишно, а притоа немаат место да го складираат, или немаат доволно пари да купат нешто квалитетно, што ќе трае подолго. 

Библиотеката во Торонто постои 10 години на неколку локации, има над 2500 членови кои до сега извршиле 25.000 позајмици. Библиотеката располага со над 5000 алатки, од бор машини, преку апарати за правење копчиња до тримери за во двор. 

Има неколку пакети со кој човек може да се зачлени - основен, двоен и „хај фајв“. Првиот чини околу 3000 денари и дозволува позајмување неограничен број предмети во тек на 3 дена. Се доплаќа само за навистина големи апарати, како компресори. Втората претплата овозможува 7-дневно позајмување, за 4500 денари, а најскапиот годишен пакет е околу 6000 денари и овозможува задржување на позајменото во тек на 14 дена. Истовремено, библиотеката нуди стручна помош за сечење, бушење или модифицирање на материјал кои членовите можат да ги донесат на лице место, како и специјализирани курсеви по одредени занаети.

На територија на Северна Америка во истиот период, последниве 10 години се отворени над 40 вакви библиотеки, некои од нив под општинска капа, а други како невладини организации. 

22 јули 2022 - 17:06