Автобиографија напишана на чаршаф од брачен кревет

Гратчето има нешто над 3000 жители, лоцирано е 43 километри источно од Фиренца и се вика Певе Санто Стефано. Освен што е дел од прекрасната Тоскана, ова гратче не би било познато по ништо посебно доколку тука не се наоѓа една специфична архива. A во неа 9000 дневници и една посебна автобиографија.

Националната архива на дневници е лоцирана во малиот град Пeве Санто Стефано во Тоскана. Во него се чуваат 9000 дневници, писма и мемоари. Неговиот основач е денес починатиот италијански новинар Саверио Тутино. Тој бил професионален писател кој сакал да создаде дом за сопствените детални дневници.

Но духот на оваа архива е таков што се прифаќа каков и да е дневнички текст, без оглед на неговата книжевна вредност. Во збирката се наоѓаат текстови на италијанските селани, имигранти, аристократи, криминалци, фабрички работници, жртви на насилство, бизнисмени, фашисти, комунисти, партизани, полу-писмени, високо образовани. „Ако имате дневник во фиока не оставајте тој да стане храна за глувци“, порачувал Тутино во своите интервјуа, повикувајќи ги своите сограѓани да ги донираат на архивот. 

За посетителот на Певе кој знае што се чува во него, внатре ѕидините на градот всушност има три пати повеќе животи отколку во самиот град. Во архивот во кој дневниците се чуваат по сите стандарди често доаѓаат истражувачи, новинари, студенти, писатели, во потрага по неофицијалната историја на некој случај или дополнување на биографија на некој познат или помалку познат човек. Во просек архивата добива еден дневник дневно, кој мора да биде прочитан и каталогизиран од малиот тим, кој главно се состои од жени-волонтери. Потоа следи процес на контактирање на семејствата и дефинирање на правилата под кои дневникот би бил достапен. 

Помеѓу архивираните дневници, на пример, е автобиографијата на Винченцо Рабито, полуписмен Сицилијанец. Роден во сиромаштија во 1899, тој никогаш не добил формално образование и работел како земјоделец, поправач на патишта и рудар во Германија, но и како војник на северо-источниот фронт во текот на Првата светска војна во Африка. Неговиот текст ги содржи сите предизвици, контрадикции, насилство, апсурдност и лицемерие на италијанскиот 20 век: подемот на фашизмот, двете светски војни, поствоениот бум, како и подемите и падовите во личниот живот на Рабито.

Кога се пензионирал, тој си купил Оливети машина за куцање и почнал да пишува на јазик кој не е баш италијански, и кој може да се нарече негов сопствен. Текстот е пристигнат во архивата во 1999, две децении по неговата смрт, кога синот Џовани го испратил ракописот во Певе каде ја добил годишната награда. Подоцна е целосно објавен под наслов „Тера мата“ (Луда земја) и станал книжевен феномен во Италија. Синот изјавил дека таткото би бил зачуден од ваквиот успех, бидејќи според неговите сфаќања „култура“ било нешто што им припаѓало на учени луѓе, а не на човек кој завршил основно на возраст од 35 години. 

Меѓу најнеобичните предмети во архивот е дневник напишан на чаршаф од брачен кревет (слика најгоре). Го има направено Клелија Марчи (1912-2006), италијанска селанка и писателка која стана позната по објавувањето на спомнатиот текст кој е нејзина автобиографија. „Не можам веќе да ги користам чаршафите со маж ми па си реков да напишам нешто на нив“ - вака ја објаснува својата одлука Марчи која живеела тежок живот на земјоделец со сопругот и осумте деца, од кои четири починале на рана возраст. Потоа го загубила и сопругот во сообраќајка, по што почнала да пишува интимен дневник на постелата која ја делела со него. Во 1985 го донирала чаршафот на градоначалникот на малиот град кадешто живеела, по што тој е архивиран во Певе а потоа ракописот е објавен под наслов „Ниту една лага“, станувајќи хит.  

25 јуни 2022 - 09:23