виртуелна продукција

Анимирани Грци

Од Јужна Кореја до Непал, од Сингапур до Канада, мапата на светот во домот на Спирос Циунис во Сан Франциско е обележана со 70 знаменца, по едно за секој соработник во проектот - цртаниот филм „Тие, Грците“.

Циунис работи за Лукасфилм, американската продукциска компанија основана од Џорџ Лукас во 1971. Но во моментов тој го користи слободното време да координира голем број уметници, продуценти и техничари кои работат на краток анимиран филм чии главни ликови се негови сонародници.

Филмот раскажува приказна за Норман, голем мрчатор, чие секојдневие е сериозно нарушено од група бучни, темпераментни Грци од ресторанот под неговиот стан. Иако како што велат неговите создавачи тој не е инспириран од економската криза, бидејќи почнал да се снима пред нејзината кулминација, гледачите веројатно ќе го толкуваат низ нејзината призма, како и низ призмата на генералните стереотипи кои важат за Грците, нешто во стилот на „Мојата дебела грчка свадба".

Со оглед на тоа што во него „глумат" 27 карактери, ова е амбициозен проект, кој нормално подразбира многу пари. „Во текот на процесот сфативме дека интернет има моќ да направи бум во анимираниот филм, на истиот начин на кој поефтините, мали камери направија бум за играните филмови во шеесетите. До тогаш само мал број студија можеа да прават филмови. Слично е и во сферата на дигиталната анимација. Она што инаку би чинело милиони долари, сега, бидејќи работиме од дома и независно од големите компании, го правиме за неколку илјади", вели Циунис, давајќи им надеж на неговите сограѓани кои се чувствуваат како во стапица во сопствената земја, дека виртуелните проекти се начин да се надминат ограничувањата на локалните економии.

И покрај помалите трошоци, тој и неговиот тим имаат направено промотивно видео со инсерти од раните фази на снимањето, како поттик на потенцијалните финансиери на филмот. А нашето Министерство за култура да им понуди некој денар, чисто ради финта?

2 мај 2012 - 00:05