Paradokse Maqedonas

Ова е Two Months Off, како што ќе свири во заден план подолу, два месеци гнев, збунетост (и барање смисла во итарпејовски стил), упатства за атомски спреда, тримири секој втор ден, а и надеж за просветлување... за што ќе почекам.

Не можам да пишувам за својата најголема мака, арачот на луѓето што не гледаат бел ден од работа и последен пат биле на море минатиот век, затоа што беше фрлена коска за сиромаштијата (во облик на лимит за кој не се плаќа данок - башка за вработени, башка за невработени - чија апсурдност ќе ја оспорувам и ќе ја оспорам кајшто треба), затоа што ми прокапува насекаде по куќата и во животот, затоа што кармичко-енергетската емпириска удобност ја снема... и стана тотално ентрописко-хаотична, па мајсторот во мене вришти што не може да му најде чаре на радијаторот што останува мртов ладен среде изгор жешки согорници.

Не можам да пишувам ни за згрозеноста од повампирените марксистичко-ленинистички квазиробинхудовски паразити што сакаат да се огребат и да го уништат туѓиот труд во партизански стил. Богатите не се богати затоа што краделе, туку затоа што се помачиле и им било дадено да направат работа за други, затоа што давале несебично и не мислеле само на себе. Но страшно е кога зависта на бездарниците и мрзливците ќе добие идеолошки облик за да заврбува млади души да ги претвори во мајмуни и слуги на хаосот. Среде вестите за проекти за поттикнување на претприемаштвото, се најдоа кучиња да лаат дека дури 1800 души пријавиле во УЈП дека „земале" (ги набрале од дрво?) повеќе од милион денари годишно (тоа е околу 1300 евра месечно), па ги хушкаат хонорарците да се бунат против новиот арач - паралелно со вест дека арамии „заработиле" 12.000 евра во еден грабеж (и веројатно веднаш пријавиле во УЈП, нели).

Сакав да пишувам и за епскиот 8-епизоден документарец на Дејвид Грол (тоа беше копиљот на бубњеви во Нирвана) од Фу Фајтерс наречен „Звучни автопати". Картер направи документарец за македонскиот рокенрол - еден, од саат и пол - претежно за Скопје... Има документарец и за 100тројка (ако имате линкови за нив, пратете ги), ама Давидчо зел и за секоја песна од новиот албум отишол во друг град на САД и тотално ја документирал неговата музичка историја. Ќе повторам, епски, ама ништо и од тоа.

Ќе пишував и за мојот скромен предлог за решавање на проблемот со клетите богаташи за век и веков. Сите што земаат повеќе од минималец да им се стави чип и да плаќаат дупло ДДВ. А децата кога ќе се родат со првата вакцина да им се шлапне нано-чип што ќе се заверува во УЈП секоја година. Жигот. Впрочем, Вачовски убаво го насликаа тоа во „Јупитер во подем" - ДНК жиг - средена работа.

Ќе пишував и зошто не отидов на два протести со транспарент инспириран од интервју на Игор Исак - 1984-та не е упатство, бе, еј! - ама ништо и од тоа.

Ќе го поправам бојлерот и ќе ги слушам Underworld уште некое време. И ќе преведувам најдобро што знам.

А у ствари, сакав да кажам...

8 март 2015 - 20:24