Колку ми е Париз сличен на Скопје, тоа е неверојатно.
Имаат една слична сива нота, една занесеност и надменост и покрај тоа што имаат проблеми. Иако со години е поизвикан и повеќе го гледаме на филмови и го читаме во книги, Париз дише како Скопје, со иста душа, дури и Парижаните како нас тука ја имаат онаа love-hate relationship со својот град.
А може и така ми се чини затоа што и двата градови се мои.
Се поздравив со Скопје на неколку дена и отидов да видам што има Париз да ми каже ново. И богами, вака како на возрасна, имаше многу нови работи да ми каже.
Прво, Париз вика дека не ме бива од сабајле, пред да се напијам кафе. Пред кафето ме гледаа чудно и тужно, а можеби и тоа беше затоа што се направив утоп на дожд. Откако седнав да го испијам, изгледа им заличев на човек па почнаа да ми се смешкаат со „љубим руке, мадам".
Второ, Скопјани чекаат на семафор за пешаци и се научија горе-доле дека пикавец се фрла у ѓубре и плус не пушат многу по улица. Парижани – не. А јас па фина се правам, чекам да стигнам до пепељара или канта за ѓубре... Тоа пуши кај стигне, и пуши секој, и фрла цигари на улица, пред болница, во парк, во кафич наместо во пепељара, и сето тоа со некоја француска безгрижност.
И не се воздржуваат од задоволства. И види, види, како кај нас во работно време луѓе пијат кафиња. Добро, не до толку многу. Ние, како што реков сме уникат по тоа прашање. Но сепак, наоѓаат време да пијат вино, да нарачуваат некои тартови - да те заболи глава од лепота... Французите се вечно ставени во уживање-mode. Имаат став за Париз како Скопјани за Скопје, ама они си уживаат. Инспиративно е. Скопје треба малку да се научи да ужива во ситни работи.
Трето Париз, е се уште најфантастичниот град на светот. После Скопје, се разбира.
Она што мене ме изненадува е дека луѓето таму мислат дека ќе го доживеат она што не можат во Скопје. Да прекрасен е, и да, Париз упорно флертува со секој човек што го шета но сепак... Чувството кога ќе застанеш пред Sacre Coeur е истото како кога ќе застанеш на на Водно да го гледаш Скопје. Све е пред тебе, светка ако е ноќ, а сиво преку ден. Кога се спушташ од Монмартр, многу лесно можеш да се почувствуваш како кога се спушташ од Чаршија.
Различни вери и националности, сите на едно место.
Исти палачинки.
Долго еспресо, во голема шолја – ИДЕНТИЧНО како во Скопје, жими све, проверив.
Не разбирам, толку ли сме малку луѓето што мислиме дека Скопје заслужува да стои рамо до рамо со светските метрополи? Толку ли е тешко да се доживее подобро? Мораме да го мериме по сељаштината, што ја прават луѓето?
На крај краева, чул ли некој изјава: „Ма глуп е Париз, многу глуп народ живее таму"?
Не. Сите воздивнуваат по градот на светлината. И не им е гајле за Французите кога веќе ќе стапнат таму. Само сакаат да се качат на Ајфелова кула и да го доживеат чувството што е опишано и екранизирано на толку многу места. А не ни пробале казандиби во чаршија кај нас.
***
И на крај, колку повеќе стриптиз и секс-шопови има во едно маало, толку се луѓето поведри и понасмеани (што реков јас?!). Како се ближиш кон Мулен Руж, сонцето ко да им свети посилно, поразмуабетени, посреќни, па и англиски знаат да ти прозборат од среќа.
И сите на ред за Ајфелова кула, Јана во секс-шоп. Сите на Шанзелизе, Јана во продавница за трансвестити. Кога влегов во тоа сумњивото просторче, преполно до таван со пердуви, шљокици и маски, со уште позаебан подрум од каде што ѕиркаа ведри фаци со не така лесно одредлив пол, си реков, еве што ни фалело. Од воодушевување си испазарив, а „госпоѓите" весело одобруваа. Секс-шоповите личеа на големи мирисливи, шарени, кожни, пердувести и светкави фабрики за задоволство. Толку светкави, што очајно барав нешто и таму да потрошам пари, ама ништо не ми фати око. Башка, Скопје си има такви. Не е дека нешто пропуштив.
На крај, пред да си фатам метро за дома, еден фин господин уредно ме праша дали би сакала да работам во неговиот стриптиз бар.
Се извинив и му реков дека јас би, со задоволство, ама сега ете, многу се брзам. Срдечно се испоздравивме со потенцијалниот работодавец и си фатив пат под нозе.
На пат за дома, го дофилував моето воодушевување од урбанизирани места длабоко вдишувајќи издувни гасови од метро. Нема ништо поубаво од ТВОЈ ГРАД.
Си купив и штикли. Чисто за да ги спојам, штиклите од Париз со улиците во Скопје. Затоа што никој не ги спојува Скопје и Париз, а заедно имаат се што може да посака еден град.
Јана