Исповед 3

Од две зла помалото

Како, и зошто воопшто да се бира меѓу две зла? Изборот треба да е меѓу доброто и злото, нели? ...Ако не си сигурен во тоа дека избираш добро а не зло, поарно седи си мадро и не се истрчувај да си за едно а против друго, оти истиот ти утре ќе си за она против што си бил вчера...

Во народов наш има една максима, од двете зла – избери го помалото. Остај друго, туку и доста се слуша оваа реченица, и во разговор и во самување... Не само што преоѓа од татко на син, и од мајка на ќерка, туку и гласот на совеста на луѓето често им го кажува ова. Страшно... и жално. Како и зошто воопшто да се бира меѓу две зла? Изборот треба да е меѓу доброто и злото, нели?

Еве, како да бирам помеѓу плоштадот каков што беше и каков што е сега? Беше како пуста пустелија, само калдрма (и елка околу Нова Година), а сега е како фундус на МГМ (за историски филм со познати глумци).

Која ти е поубава зграда, Студентски дом Гоце Делчев или Триумфалната порта?

За што си: тапа-модернизам или барок и нео-неокласицизам?

Сакаш да укаш на митинг на СДСМ или на ДПМНЕ?

Сакаш да студираш економија или маркетинг-менаџмент?

Сакаш скапо парно или и исклучен да плаќаш?

Сакаш музика од Тома Прошев или Цеца да ти запее? (Уф... Цецооо)

Сакаш Мајски Оперски со мецосопран од Австрија или Пивофест со Лепа Брена?

Квазиелитизам или охлократија?

Сакаш феферонка или луто пиперче?

Сакаш на техно-забава со диџеј-Ноубрејн или на печено крмаче во кафана со певаљка?

Откај комшииве, повеќе би одел на Егзит или на Гуча?

Помил ти е наркоман или алкохоличар?

Поубаво зборат Куманово или Битола?

Поубаво благословуваат Прилеп или Струмица? Ебаго или дааебам?

Ќе платиш со пари или со картичка?

Апче или пилула?

Долина на волците или Секс и град.

Сакаш седнвич со плескавица или со пет ќебапчиња?

Комунизам или капитализам?

Еднопартиски социјализам или двопартиска демократија?

Лајно или лепешка?

Како ќе се шишаме, на нула или лустер?

А сега, ќе додадеме и по некој одговор, да нема премногу прашалници ?????

Од Скопје си или од селата? –Шо е битно, кај има од Скопје поголемо село.

Мајмун си или Чкембар? –Комита. Извини... Се препознав.

Повеќе мразиш курви или курвари? –Зависи кој одговара, маж или жена.

Поубава ти е Лепа Брена или Доли Партон? –Брена, Доли е стара.

Брат или пеер? –Зависи од генерација.

Сакаш да те гази лева чизма или десна чизма? –Ај дигни ѓонот, да видам на која има помалку кал.

И така во недоглед. Нека оди бестрага. И идентификација, и симпатии, и оригинал и копија, и избор меѓу две идиотштини. Работата е дека лошото си е лошо, нема потреба да се избира меѓу два демона... ако треба да бираш меѓу два екстрема, две крајности... да знаеш дека еднакво се погрешни... обата избора. Исто и меѓу две работи што подлежат на синонимија. Тука е сеедно. Кога личностите со тенденција да фаќаат страна како во горниве примери се критикуваат меѓусебе, главно се споредува доброто кај едната со лошото кај другата. И тие споредби не се на место. Споредуваш добра наука со лоша религија, или обратно, учењето за љубовта со Чернобил. Ама споредба?! А, ако пак се споредува лошо со лошо, едно зло со друго, тука не може да стане збор за избор, туку само за степен на градација. Гледај дали има и друг избор, освен двете зла, оти зло си е зло, и она што ти се чини помало ќе порасне. Избирај го само она што е добро, праведно и убаво. Ако можеш. Ако не си искривоколчен. Ако нема такво нешто, ако немаш таков избор, ако не си сигурен во тоа дека избираш добро а не зло, поарно седи си мадро и не се истрчувај да си за едно а против друго, оти истиот ти утре ќе си за она против што си бил вчера. Не фаќај се во оваа логичка стапица. Ако не, види си, голем си... кој сум па јас да ти кажувам... само, да не дојде време и ситуација некој стварно да те праша:

-Сакаш ново јаже, пластично, или ортома? И сам да си го донесеш.

Ова е мајмунот Коко, од скопската зоолошка, кој тука беше депримиран оти е сам, па сега е во Холандија.  Таму, слушам, нашол друштво, и сега е добар. Поздрав.

 
11 април 2013 - 12:25