Вистинските „Глупавиот и поглупавиот“

Кога полиција затропала на врата на Мекартур Вилер за да го апси за два грабежа на банки, откако го идентификувала благодарејќи на снимките на безбедносните камери, Вилер со чудење и разочараност ги прашал: „Ама, како ме познавте? Бев намачкан со лимунов сок!“

На 6 јануари 1995 година, Мекартур Вилер и Клифтон Ерл Џонсон ограбиле две банки во Питсбург под закана со оружје. Од едната банка земале 5.200 долари, од другата и помалку.

Ниту еден од нив не носел маска ниту пак на друг начин се обидел да се маскира. Наместо тоа, си ги намачкале лицата со сок од лимон.

Елем, Џонсон го убедил Вилер дека лимоновиот сок ќе ги направи непрепознатливи за безбедносните камери. Овој првично бил скептичен па го тестирал трикот со Полароид камера и бил задоволен од резултатот (подоцна објаснија дека се работело или за лош филм или за лошо подесена камера)

Шест дена подоцна, на 12 јануари, полицијата дошла да го апси а овој бил шокиран: „Бев намачкан со сок од лимон! Бев намачкан со сок од лимон?“

Џонсон се договорил со обвинителството, ги признал и овие и уште неколку други грабежи па добил 5 години затвор. Мекартур Вилер заработил 24,5 години робија.

Легендата вели дека изрекувањето на казната го дочекал со скисната фаца.

Овие двајца бекрии директно го инспирирале истражувањето кое ќе води кон формулација на Дунинг-Кругеровиот ефект, девијација во мислењето при што некомпетентни поединци страдаат од илузорна супериорност и погрешно го вреднуваат своето мислење како повисоко од просечното. Состојбата се должи на менталната неспособност да се увидат сопствените грешки. 

Дунинг и Кругер го категоризираат овој феномен во 1999-та година, но упатуваат и на претходните мислители кои го воочиле овој феномен како што е Дарвин ("Незнаењето се храни со самодоверба") или Бертранд Расел ("Болна вистина за ова време е што глупавите се цврсто сигурни во себе а паметните се полни со дилеми и нерешителност").

Природно мрестилиште на луѓе кои ги краси Дунинг-Кругеровиот ефект се просторите за интернет коментари.

 

25 август 2023 - 09:28