Писма на тазе невработени читатели

Јас бев вработен на позицијата музејски водич едукатор и имав за задача на посетителите да им го доловам богатото културно наследство на нашата татковина. Јас не бев вработен на позицијата партиски потрчко на ДПМНЕ. Мене Груевски не ме ранеше, мене ме ранеше мојата посветеност и љубов кон работното место.

Кога партиската книшка вреди повеќе од образованието, дипломите, трудот, љубовта, и било што друго.

Во изминативе месеци згрозен од неодговорното и насилничко однесување на луѓето кои моментално ги окупираат државните институции на нашата татковина, испаднав на улица да побарам одговорност:

ОДГОВОРНОСТ за неспособноста на здравствените институции во случајот со деветгодишната Тамара Димовска.

ОДГОВОРНОСТ за обидот за прикривање на убиството на 22 годишниот Мартин Нешкоски.

ОДГОВОРНОСТ за монтираните судски процеси иницирани како резултат на политички пресметки со своите политички противници.

ОДГОВОРНОСТ за изборниот криминал во кој луѓе од Пустец и мртви гласачи прават бугарски возови.

ОДГОВОРНОСТ за партискиот реваншизам и бркањето од работа на политички неподобните и партизацијата на државната администрација со неспособни партиски послушници кои се таму само за една партија да си добива гласови на избори.

Во овој период јас бев вработен под договор на определено работно време како музејски водич едукатор во Археолошкиот Музеј на Македонија. На протестите не дојдов ниту да фрлам со домати, ниту да се тепам со полицајци. Испаднав за да им дадам подршка на мајката на Нешкоски и мајката на Тамара, бидејќи нејќам да живеам во држава во која тоа што им се случи на нивните деца утре би можело да им се случи и на моите или на било кое дете кое живее во оваа земја.

Иако не ги познавав сметав дека е моја граѓанска должност како нивен сограѓанин да им се придружам во моментите кога на овие луѓе им беше најтешко. Мислев и се уште мислам дека во ваков тоталитарен систем единствен начин за правдата да испадне на виделина е преку граѓански отпор. Кога неправдата станува закон, отпорот станува граѓанска должност.

Драги читатели поради овие мои ставови од вчера јас повеќе не сум дел од тимот на НИ Археолошки Музеј на Македонија. Зошто? Ако мислевте дека не се ништо посериозно сите оние телефонски разговори во кои високи државни функционери се закануваат со губење на работни места на своите политички неистомисленици вработени во државната администрација, тогаш сте се излажале. Јас тие закани и притисоци ги чувствував веќе неколку месеци врз моја кожа за на крајот да ескалираат со мое отпуштање од работа.

За да работи во Археолошкиот Музеј на Македонија човек мора да се откаже од размислувањето со сопствена глава и да почне да го позајмува она од партијата на власт.

Од самата директорка на споменатата институција бев опоменат неколку пати дека и покрај тоа што одлично си ги извршувам работните обврски, моето однесување надвор од работното место и моите статуси на фејсбук се неприфатливи за институцијата во која работам. Не било во ред да плукам врз оние што ме ранеле, и требало убаво да размислам како ќе продолжам да се однесувам доколку сакам да продолжам да работам во таа институција.

На опомените одговорив, дека ми е смешно некој да ме опоменува за тоа што го правам во мојот приватен живот. Доколку тие опомени беа за каснење на работно место, за непрофесионално извршување на моите работни обврски, за било што што се однесува за мојата работа во музеј, јас би се поправил, но апсолутно никој нема право да ми кажува како да мислам, во што да верувам, за кого да гласам на избори, каква музика да слушам, или каде да ставам лајкови на фејсбук. Јас бев вработен на позицијата музејски водич едукатор и имав за задача на посетителите да им го доловам богатото културно наследство на нашата татковина. Јас не бев вработен на позицијата партиски потрчко на ДПМНЕ. Мене Груевски не ме ранеше, мене ме ранеше мојата посветеност и љубов кон работното место.

На овој мој став ми беше одговорено со зборовите: Мартине ние не сме Шведска, мора да се привикнеш на државата во која живееш.

Тоа е и проблемот, што сакам да живеам во Македонија а да се чувствувам слободен како во Шведска. Можам но нејќам да си заминам од оваа држава, сакам тука да направам своја фамилијана која ќе и обезбедам сигурна иднина. Главна пречка за тоа се оние што моментално се наоѓаат на власт.

За лицемерието на директорката да биде поголемо на 05 овој месец ги свика сите 11 души кои од Октомври 2014 година работевме во Археолошкиот Музеј на позицијата музејски водич едукатор.

Почна да чита имиња и презимиња од кои четворица никогаш не беа прочитани и го изгубија работното место. Меѓу избришаните бев и јас, веднаш станав, се насмевнав, и си заминав. Знаев дека беше само прашање на време кога. Во лифтот на искачање од еден од вработените наместо срдечен поздрав ми пренесе дека долга била раката на ВМРО. И стварно била долга, а тоа сe гледаше во оние што останаа на работа. Тоа беа оние кои наместо на работно место во музеј имаа партиска обврска секојдневно да се појавуваат во шаторите пред Собранието на Македонија.

Додека они кампираа и се уште кампираат за задоволувањето на суетата на нивните партиски наредбодавачи, ние другите работевме во музејот, имавме дупло ако не и тродупло повеќе тури со кои посетителите ги запознававме со богатото културно наследство на нашата држава. За жал кога дојде времето на кастрење за директорката повреднувани беа партиските потрчковци него ли музејските водичи.

Некој сега ќе праша а зошто воопшто кастрење на работни места во институција која почна да работи пред нецели седум месеци.

Драги читатели Археолошкиот Музеј на Македонија е на раб на банкрот. Овој наш музеј нема финансиски средства ни за тоалетна хартија камоли пак пари за да ги плати сметките за струја или исплати своите вработени. Од седум месеци работа имам земено само три плати. Посетеноста на музејот е минимална, по одвај четириесетина посетители секој ден. Маркетингот речиси и да не постои, сосем разбирливо кога ќе имате во предвид дека главно и одговорно лице за маркетингот на целиот музеј е една персона која со цел памет тврдеше дека во саркофагот изложен во Археолошки почивале и коските на Александар Македонски, та затоа и се нарекувал Александров.

Додуша нормално е тоа за нашево опшество бидејќи таа персона била вработена во нашиот археолошки музеј како заслуга за "патриотската борба" на нејзиниот маж кој како главен и одговорен уредник во својата емисија носи стручњаци кои ни раскажуваат како бог ги создал Македонците во десетиот ден.

Археолошкиот музеј нема означени правци за движење, нема ознаки за хронолошки периоди ниту пак информативно едукативни табли за тие периоди, ниту пак има план на просторот за да знаете каде се наоѓате. Додуша има водичи, но од оние што останаа само за еден може да се каже дека колку толку знае англиски. Другите не знаат да сврзат ни просто проширена реченица. Со среќа нека им е понатамошната работа, на странците дефинитивно ќе им биде забавно.

Археолошкиот музеј нема ни било каква интернет социјална или печатена маркетинг пенетрација.

Музејот нема ни едно обично флаерче на кое би ги пишувало најбитните информации за работно време, телефон за контакт, ценовник. Нема ни знак за влез, или излез. Легендите во витрините кои би требало на посетителот да му кажат каде се откриени, од кој век потекнуваат и што претставуваат артефактите изложени во нив, се или грешни со испомешани бројчиња, или премногу ситни и недоволно осветлени па никој неможе да ги прочита камоли разбере, или пак воопшто ги нема. Сите видео проектори кои наводно би требало да покажат дека музејот е во чекор со модерната музеологија уште од самото свечено отворање се прегорени и вон употреба главно поради погрешно поставена електрична инсталација. Прашината е насекаде, од три хигиеничарки само една работи, а причината е бидејќи само она нема партиска книшка, та само она се плаши за своето работно место, и мисли дека трудот е она што ќе ја спаси.

Кај е директорката во целата работа? Знае ли таа за сите овие работи?

Знае, верувајте, многу добро знае:

Знае и за списоците со кои штиклираше присуство на своите вработени на митингот на ДПМНЕ на 18 Мај,

Знае и за специјалниот статус кој го уживаат сите здруженија на УМС на ДПМНЕ на ниво на цела република кои кога сакаат можат бесплатно да си влезат и да се шетаат околу музејот, како они да не се обични граѓани туку некоја буржоазија со сина крв.

Знае и за тоа дека 90 посто од администрацијата не и работи ништо туку функционира на принципот примај плата клати врата, само бидејќи мислат оти партиската книшка а не работните обврски се единствениот критериум како да ја задржат својата позиција.

Знае дека и златната маска и нараквица и се копија, како и што и се копии и скулптурата Венера Пудика, Големата Мајка од Тумба Говрлево, Адамот од Говрлево, архитравната греда од Исар Марвинци, и голем број други наоди бидејќи очигледно никој не верува во нејзината способност овие значајни артефакти научно и професионално да ги презентира пред пошироката јавност.

Директорката наместо да го средува музејот побитно и е дали ќе биде видена во првите редови на некој партиски митинг, или колку ќе биде лајкуван некој нејзин фејсбук статус во кој ги воспева догмите на ДПМНЕ. И пак сето ова е нормално за нашево опшество бидејќи очигледно партиската книшка е единствениот критериум поради кој она воопшто дошла до позицијата до која дошла.

За жал нашиот музеј и покрај големиот број на пари фрлени за него не нуди, како што смета неговата директорка, „една голема вистинска приказна, заснована на една величествена историја", тука го експонира/соголува нашето денешно незнаење и неумешност, шарлатанство и самобендисаност. Ние сме само лоша копија на современите европски култури, а за музеологија не умееме ни да мислиме, камо ли да ја (с)работиме. Таму, во таа наша македонска „музеологија", очигледно царува вечна ноќ, како и во новиот Археолошки Музеј на Македонија, кој за жал е само фабрика за партиски гласови на избори.

Драги читатели и граѓани на оваа држава. Моето име е Мартин Стефановски. Немам партиска книшка ниту планирам некогаш да земам. Сакам да успеам во животот со мои раце и мој мозок без да позајмувам од партијата. За жал државните институции ни се киднапирани од партиски насилници и тие во заложништво го држат нормалниот живот на граѓаните во оваа држава. Поради тоа јас продолжувам да доаѓам секој ден во 6 пред Владата на Република Македонија бидејќи сакам да живеам во нормална држава каде слободно и непречен од никого ќе имам услови да оформам семејство на кое ќе му обезбедам среќен и нормален живот.

7 јуни 2015 - 17:06