Паднати системи на читатели

Сакате во Европа? Јебала вас Европа со ваква партизирана и паразитска администрација која наместо да ја упрости постапката за граѓанинот (од кој зема плата), ја усложнува и го малтретира истиот.

Здраво Трендо.

Живеам во Штип.

Имав потреба од изводи од матична книга на родени/починати за мене и членови на фамилијата.
Порано матичната служба беше лоцирана во полициската станица, пред извесно време ја преместија во општината (зградата на градското собрание) заради поедноставнување на целата процедура (во полицијата се пополнуваше барање па потоа треба да одиш да уплаќаш такса плус таксена марка во пошта/банка, па со тие уплатници и барањето се враќаш во полицијата, што беше стварно голема гњаважа и проблем).

Одам претходната недела (некако успеав да се искраднам од работа на 15ина минути колку да пополнам и уплатам во општината) и се случуваат 3 битни моменти.

1) Службеникот си дреме на компјутер и воопшто не дига глава да види дали има странка на шалтерот за да ја услужи.Чекав 3-4 минути чисто за да видам дали ќе оствари контакт со очи и ќе реши да си ја работи работата за која меѓу другите и јас плаќам и откако видов дека нема абер од такво нешто морав да тропнам на стаклото, по што конечно стана да ме услужи.

2) Откако ми ги подаде формуларите за пополнување побарав пенкало да ги пополнам а тој ладнокрво ми вели "немам". Како бре немаш? Ова матична служба е, канцеларија, место каде секојдневно се пишуваат разни документи, барања и сл. а ти ми велиш дека немаш едно обично пенкало? Да не треба и хартија и тонер да донесам од дома за да има на што (и со што) да го испринташ барањето?!

3) На крај ми вели "имаат во пошта/банка, секако треба да одиш да уплатиш и со уплатниците да се вратиш тука".(!) Велам па нели тука ве преместија за да се избегне токму тоа, едношалтерски систем за да завршиш се на едно место? А тој вели "да, ама денес системот е паднат и не сме во можност да го направиме тоа од тука па ќе мора на стариот начин."

Е сега, поради тоа што немав време да се шетам низ град од една установа до друга морав да фатам такси и да се вратам на работа и да оставам се за друг ден. Значи,120 денари само за такси за прошетка до центарот и назад. Денес, за да не губам ден од работа, го задолжив татко ми да ја заврши таа работа,па ваљда нема да биде паднат системот цела недела?! И погоди што? Го пратиле човекот (веќе навлезен во 60тата година од животот) да оди по пошти, да чека ред, да пополнува уплатници затоа што наводно системот пак бил паднат (!).Згора на тоа, за секој извод таксата е 100 денари плус дополнителни 50 за таксена марка. За плаќање на истите во пошта, добиваш посебно уплатница за 100те денари и посебно уплатница за таксената марка од 50 денари.

НО! Провизијата во поштата е 35 денари по уплатница. Еве јас имав потреба од 4 изводи. Математички,тоа се 8 уплатници по 35 денари = 280 денари провизија. Тоест, за нешто што во теорија би требало да ме чини 600 денари (4 извода по 150 денари), јас платив 880 денари. Додај ги тука и таксито до центар и назад во 2 наврати, мене сето ова ме чинеше дупло од тоа што требаше. Заради "паднатиот", нели, систем.

А фините дечки (читај партиските паразити) во матичната служба кои патем земаат плата меѓу другите и од моите даноци, можат слободно да ЛАЖАТ дека системот е паднат кого сакаат, но реалноста е дека денес не може една државна институција да си дозволи системот да е паднат недела дена.Па побогу луѓе, вакви работи на запад се решаваат од дома. Отвораш страна на интернет, пополнуваш формулар, си плаќаш поштено со картица и процедурата е завршена. Дури на крај и ти го доставуваат документот дома. Сакате во Европа? Јебала вас Европа со ваква партизирана и паразитска администрација која наместо да ја упрости постапката за граѓанинот (од кој зема плата), ја усложнува и го малтретира истиот. И потоа се прашувате зошто сите гледаат да избегаат од оваа вукојебина?

Драган.

3 февруари 2016 - 12:07